Категории

Каде и да сме природата ни е вечен придружник

Кога сме осамени, сепак убавината ја пронаоѓаме таму.

 

Каде и да сме природата ни е вечен придружник. Таа се обидува да нè врати до нашите предци. Го буди сето она кое што ние секој миг се обидуваме да го истиснеме.Природата се бори со нас! Таа води вечна борба со нашите чувства, желби и мисли, затоа што природата нè создала како еден совршен систем во кој се испреплетуваат многу сложени чувства. Овие чувства претставуваат една слика, еден дел од нејзината нишка на волшепство, едно огледало, еден чекор назад кон првиот допир со животот. Нѝ дала ум: лабораторија во која се меша познатото со непознатото, се мешаат отровите на омразата со љубовта, отровите на љубомората со благородното. И тие пркосат во секој миг, блескаат со пената на природата – нивната Создателка! Безмилосно се обидуваат да ја докажат својата сила пред нивниот судија Природата. Си играат шах со малите човечки фигури, покажувајќи се во огледалото на „Непобедливото“ како вечни господари на светот, но, слуги на Природата. А ние само лутаме низ лавиринтот мислејќи дека сме си господари сами на себеси, се преправаме сакајќи да го истиснеме она што цврсто нè поврзува со природата. Го правиме тоа затоа што се плашиме од „Играчите“ и од нивната господарка. Но, кога сме осамени, сепак убавината ја пронаоѓаме таму! Таму го наоѓаме нашиот восхит, израз, нашиот бол, зашто ние сме само средства на „Играчите“ и лесно влегуваме во нивните канџи, дозволувајќи им да нè шетаат низ непознатите предели на сето она што го создала Природата. Но, таа наша Создателка нѝ подарила нешто оригинално – а тоа е духот, кој нѝ помага во „Големата Игра“ да се бориме и нешто наше да создадеме. Да го немавме тоа „нешто“ , можеби „Играта“ брзо ќе завршеше. Човекот ќе го изгубеше своето тежиште во светот заради неможноста да ја растајнува мистеријата на природата и да ја пронаоѓа својата инспирација токму во убавините на природата.