Категории

Како Бог ја дефинира љубовта?

Љубовта е највозвишеното нешто што го доживува човекот, постои милион и еден вид на љубов, а душата најмногу ни трепери од онаа, романтичната љубов. Тогаш си целосно обземен од љубената личност, целото твое битие трепери кога некој ќе го спомне тоа име. Губиш контрола над емоциите свои и дозволуваш да те понесе нивниот бран.

Се помалку размислуваш разумно, а сиот свет околу тебе свети со поинаква светлина. Едноставно сакаш да го поминеш секој миг со саканата личност. Едноставно сигурен си дека само таа ти е потребна за твоја среќа. Си велиш: ,,Само мене ми припаѓа, знам; сакам да ја чувам само за себе. Јас се чувствувам убаво со неа, и во ред е тоа што го следам своето срце“. Без да бидеш свесен, во оваа прекрасна и среќна занесеност си влегол во невидлива замка во безнадежноста на својот ум. Те завела убавината на фантазијата и како крадец во ноќта незабележливо, задоволството те насочило единствено на сопствените чувства; зад завесите на сентиментите твоето ,,јас”станало силна гравитација на твоите замисли. Размислуваш на постојано зголемување на близината со саканата личност и емоциите неизбежно те водат во правец на растење на романсата со најголема сила и брзина.

Но, што има Бог да каже во врска со љубовта? Дали ваквата љубов е истата која Бог ја замислил за нас? Дали суштината на оваа возвишена емоција лежи во фокусот на нашите сопствени чувства или во среќата на нашиот ближен?

Апостолот Павле ќе каже: ,, Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправда, туку се радува на вистина, сè покрива, во сè верува, на сè се надева, сè поднесува” (1 Коринтјаните 13:4-7).

Во своето писмо до Коринтјаните, Павле ја обелоденил светлината на вистинската љубов: љубов безрезервна, лубов несебична, љубов праведна. Целта на ова послание била да ги освести многубошците за заблудата на поимот љубов во нивното општество. Имено, истите биле поклоници на античката божица Афродита, во чиј храм имало илјада жени кои се оддавале на нечесни акти. Поимот на љубов бил силно поврзуван со самиот сексуален чин, кој треба да е круна на заедницата на маж и жена во нивниот брак, а не орудие со кое се практикува љубов за сопствено задоволство. Сè повеќе сме сведоци дека многу медиуми ја рекламираат љубовта во оваа погрешна светлина.

Се чини дека оваа замисла на љубовта се совпаѓа со модерната дефиниција на љубов на нашето време. Луѓето не се свртуваат кон Божјата реч која ко светилка може да ја осветли вистината за ова возвишено чувство кое Бог го има за нас и кое треба да го покажуваме кон нашиот ближен.

,,Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

Бог го испратил својот Возљубен Син да ги исправи работите со моделот на љубовта.,,Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели” (Јован 15:12-13). Исус го положил Својот живот како жртва за наше спасение и избавување од мракот и темнината на гревот. Го положил својот Живот за народ кој го негирал Неговото божество, бил глув за Неговите зборови и слеп за Неговите дела. Се понизувал самиот себе и ја зел улогата на негорделив и несебичен слуга, а притоа тврдел: ,,ниеден слуга не е поголем од својот господар” (Јован 15:20), силноукажувајќи дека ова е всушност делото што и нам ни е наменето да го вршиме.

Љубовта денес е најмногу воздигната како чувство. Меѓутоа, дали чувството центрирано во себе е мерка за она што сме подготвени да го направиме за нашиот ближен? Ако љубовта не се преточува во дела, тогаш несомнено може да се заклучи дека се практикува себичност. Овој исказ неизбежно нè води кон вистината дека љубовта треба да биде насочена за доброто на другите и за слава на Бог: ,,Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе” (Јован 13:34-35).

Исус е моделот на љубовта во целиот универзум. Нека нашите очи се насочени кон славата на Единородниот кој е вечниот симбол на кого треба да се огледуваме. Нека не паѓаме во замките на современите дефиниции на љубовта, и нека се исполниме со љубов што зрачи од Господовиот престол, што тече во нашите срца и го менува нашето битие. Да ја прифатиме вистината каква што свети во својот оригинален сјај и да се роди чиста љубов која е извор на праведни дела, угодни на Бога, укажувајќи најголема почит и внимание кон нашиот ближен не само во нашите романтични врски, туку и во сите односи со другите луѓе.

,,А Исус му одговори: „,Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;“ тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: ,возљуби го својот ближен како себеси!‘ На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците” (Матеј 22:37-40).

Прегледи:
873
Објавено на:
04.03.2020