Дали сте свесни за своето однесување кон детето кога ќе направи нешто погрешно? Ако веднаш почнувате со негативно етикетирање на неговиот карактер, ќе ја поткопате неговата самодоверба, која долго и тешко се гради.
Еден од клучните работи кои детето треба да ги изгради за време на растењето е здрава самодоверба. Но, има толку многу ситуации кои ја поткопуваат, наместо да ја градат, а една од причините е честото погрешно реагирање на возрасните на детската грешка. Изнервирани од трапавото детско ракување со садовите кои ќе се искршат, случајно скината играчка или моменталното одбивање детето да ги послуша, родителите знаат автоматски да го наречат своето дете лошо, безобразно, трапаво, непослушно и слично. Како би требало детето да се чувствува после таквите епитети? И впрочем како вие би се чувствувале, ако вас ве наречат неспособни, веднаш штом нешто погрешите на работа. И сето тоа не би било толкав проблем, кога таквите реакции не би се повторувале: „Баш си размазен“, „За ништо не си способен“, „На твојата трапавост и нема крај“…Ако сте меѓу оние кои не можат да се воздржат од ваквите реакции, можете слободно да очекувате дека детето ќе почне од вас да ги крие грешките кои ги направило, се повеќе да избегнува комуникација со вас, да избегнува ризици (дури и оние кои се неопходни во растењето), да се правда за своите грешки или да ја префрла вината на некое друго дете за да се заштити. Ќе заклучат дека не ги разбирате ниту пак пробувате да ги разберете, нема да се чувствуваат достојни за вашето внимание и љубов, а самодовербата ќе ја занемарат.
Од друга песпектива
Пред да му кажете било што на детето откога ќе погреши, размислете за тоа дека таа грешка не го одредува него како карактер во целост, исто како што лошото паркирано возило не ве карактеризира и вас како лош возач, нити како катастрофална готвачка не ве карактеризира понекогаш пресолениот ручек. Особено важно е да му покажете на детето дека е нормално да греши и дека сите грешат, па така и вие.
Децата се трудат на свој начин на направат сѐ како што мислат дека е исправно, често прават многу добри работи, постојано учат како да бидат подобри, повешти и како такви не можат да бидат„лоши“. Секој има право и на лош ден и лошо расположение и право на протестирање за да не прави нешто што во тој момент не му се прави, а родителите често на тоа забораваат.
Важност на комуникацијата со детето
Пробајте редовно да го прашувате своето дете како се чувствува кога ќе погреши и охрабрете го со тоа што верувате дека следниот пат ќе биде поуспешно, бидејќи тоа навистина и може да биде подобро. Не го осудувајте детето и научете го и тоа да не ги осудува другите врсници или возрасни, ако им се случи некоја трапава реакција. Радо со него разговарајте отворено и покажете му како може самото да ја поправи грешката, така што на пример искрено ќе му се извини на детето кое го удрило во играњето или му ја повлекло играчката…
Самодовербата многу повеќе ќе се изгради кај деца кои не се присилени да ги кријат своите вистински чувства и кои не се срамат. Тоа се деца кои учат да имаат здрав однос кон своите грешки. Вие ќе бидете посреќни, бидејќи детето во вас гледа на „сојузник“ кој бескрајно го сака и подржува. Секако, тоа не значи дека треба да го фалите детето и кога ќе греши и да го воздивнувате до облаци, а кога реално гледате дека не се потрудило. Бидете претпазливи и со оваа ситуација. Исто така, пробајте и на луѓето со кои расте да им укажете на нивното евентуално етикетирање на способностите на детето, бидејќи луѓето се склони кон тоа, веројатно бидејќи и тие безброј пати се нашле во слична ситуација кога биле критикувани. Но, учиме додека сме живи, па време е да ги поправиме своите погрешни реакции во такви ситуации.