Викендов покрај многубројните настани, се одржа и првата трка од картинг шампионатот на Македонија, трка која е всушност прва од календарот на автомобилистичката федерација на Македонија, која беше организирана од Авто картинг клубот Кастом кар рејсинг тим, а поддржана од Агенција за млади и спорт и Арт картинг центарот кој е покровител на трката и каде што воедно се одржа самата трка.
На настанот се возеа трки поделени во три класи и тоа: мини бамбини- најмалите учесници од 7 до 9 години, втората мини – од 9 до 12 години и третата класа – рентал односно учествуваа лица постари од 13 години. Во првата и најмалата класа на прво место заврши Стефан Стефановски, второто место го зазема Христо Ковачи и трето место му припадна на Дамјан Давидовски.
Во втората класа на прво место заврши Петар Богатиновски, на второ место Лука Бошковски и на трето место Иван Василевски. Во третата класа на прво место успеа да се искачи Михаил Делев, на второ место Масимо Тасевски и на третото место заврши Коста Николовски.
Но, она што беше највпечатливо на оваа трка беше дебитантот, но и најмладиот учесник Христо Ковачи кој со своите 7 години покажа навистина голем талент, интересна борба и голема љубов кон автомобилизмот. Всушност, тој стартуваше од 2-то место, но во текот на трката го загуби своето место и беше трет, а сепак малиот Ковачи не остана таму, со голема борба успеа да заврши на втората позиција.
– Браво Христо одлично извозе! Иако е навистина мал, уште многу трки се пред него, но како за прва трка на 7 години, Христо покажа неверојатен интерес и талент , па поради тоа, со сигурност може да кажеме дека Христо е иднината на македонскиот автомобилизам, а веруваме и иден шампион во голем број на шампионати и класи!
Од разговорот со Христо дознавме дека од неодамна започнал да вози картинг и тоа за прв пат се запознал со својата пасија во Арт картинг центарот каде што и беа трките, по што се навлекол и станал ненаситен, па поради големата желба, тато и мама одлучиле да му купат картинг (додава таткото со смеење и гордост).
Уште пред да започнеме со сите наши прашања со кои го нападнавме Христо, тој сакаше да истакне благодарност – До мама и тато, но исто така и до Комбе, другарчињата од училиште и наставничките – кои му даваат поддршка додека тренира во Грција и Бугарија, но и на самиот натпревар.
На прашањето зошто баш картинзи Христо вели – Бидејќи сакам да претркувам и да станам шампион, сакам и да ме престигнуваат, но и повторно да ги поминам па да освојам пехари.
– Христо не криеше дека сака да остане да се натпреварува со картинзи и тоа во оние поголемите со брзини. Инаку 7-годишниот Христо, покрај возењето картинг, игра и кошарка, сака многу да патува, да се натпреварува и да оди на тркачки патеки.
За крај, им честитаме на сите учесници за постигнатите места, му се заблагодаруваме на Христо Ковачи за мини интервјуто и му посакуваме уште многу, многу пехари и многу трки. Веруваме во неговиот талент уште од оваа прва трка! Секако ние и понатаму остануваме да ги следиме и поддржуваме сите настани, како и останатите натпреварувачи.