Категории

Кога ќе пораснам сакам да бидам млад… рече Јарецот и се врати на работа

Зошто Jарецот сака да биде сам?

Добро, нема од прва да се согласат со ова, меѓутоа ќе ви кажат дека најдобро функционираат кога сами ги завршуваат задолженијата, кога сами плаќаат сметки, кога сами организираат, кога индивидуално се истакнуваат, кога не мора да ги делат или делегираат обврските на друг за да не ја работат истата работа два пати, па како резултат на ова често ќе ги чуете дека сè сами постигнале?!?! Нема ништо чудно во самотијата на еден Јарец. Нема тука многу филозофирање… Чиста математика. Чиста сметка – долга љубов. Па оттука се и највештите математичари, систематичари, но и калкулатори. Да, преброено, измерено и пресметано им е секое движење и напор што го прават.

Ова е кариера отелотворена во разумна личност.

Ова е личност која точно знае што сака. Ова е личност која секогаш ќе го одбере потешкиот пат. Затоа што така сака. Затоа што така треба. Нема тука линија на помал отпор, има само отпор… Отпор на традиција со која растеле и која со гордост ја пренесуваат, отпор на хиерархија која сепак ја почитуваат, отпор кон дисциплина која и самите тие ја бараат, отпор на казна што без проблем ја сервираат, отпор кон правила кои истовремено ги спроведуваат…

Ова е личност на која најчесто паѓа товарот од целото семејство, некогаш и товарот од претците.

Ако постои некој кој цел живот води битка со времето, тогаш во тоа дефинитивно предничат Јарците. Да не дојде до забуна, не како онаа на Водолиите кои истрчале побргу од кадрите на живеењето, ова е битка на еден хронокатор или хронометар, како сакате. Тука станува збор за едно дете кое прерано созрева, сфаќајќи го животниот пат како одговорна задача и возрасна личност која, како старее – се подмладува, па затоа младоста ја живее подоцна.

Ова е вознемирувачки спокој кој ги излудува оние кои сакаат да ги налутат.

Ова е лојална личност.

Ова е конзервативна личност.

Ова е навидум крута личност.

Ова е посветена личност.

Ова е топло-ладно (нормално, они одлучуваат кога е топло, а кога ладно ;) )

Ова е фактограф.

Ова е раководител.

И не, не се тврдоглави како што многумина ги опишуваат… Истрајни се, трпеливи се, рационални се, воздржани се, одмерени се… и мирни се … или барем така сакаат да се прикажат. Но не постои нешто што го започнале, а да не го довршат. Добро, можеби чекаат вистинско време за истото да го почнат (едно десет години), чисто за да бидат сигурни дека се на вистинскиот пат.

Ова е историја.

Ова е историја на уметност.

Ова е традиција.

Ова е онаа приказна од колено на колено…

Ова е исконска убавина.

Ова е убавина која чека.

Ова е жена која чека да биде избрана…

Ова е љубов која трае.

Ова е онаа жолта или црвена линија во секоја голема институција што јасно ви става до знаење каде ви е местото и до каде смеете да одите.

И да се разбереме, материјалисти се, иако ретко мака мачат со финансии, реалниот проблем кој го имаат е стравот дека еден ден ќе ги немаат. Реален проблем е и колекционерскиот дух со кој солидарно живеат, па така ќе ги видите како во животот собираат сè и сешто (покрај штедењето за недајбоже), со изговор дека им е тешко да се ослободат од истите тие нешта (и луѓе) што ги влечат со себе, незнаејќи дека истовремено ги собираат настаните, спомените (и луѓето) од минатото од кои им е тешко да се ослободат…

Ако често пати се прашувате што е тоа што ви ја мрзне крвта кога ќе ве погледнат…

Што е тоа што ве пресекува и запира кога сакате да тргнете кон нив?

Што е тоа што ве тера пет пати да размислите што ќе кажете за да не ги разочарате???

Доволно е само да погледнете во нивните небесно сини очи и ќе видите едно кревко дете на кое му е страв од темница, ама не сака да каже за да не ги загрижи родителите, ќе видите дете со смарагдно зелени очи кое уше од 5 години прави бизнис план како од денар да направи два, но пресметува во себе за да не му се смеат оние на негова возраст чија единствена грижа е да ја искршат играчката што им ја подариле, ќе видите срна со очи боја бадем која стои на тенок мраз, а сепак грациозно се движи иако умира од страв да не падне, најмногу од сè да не ја видат дека паднала, затоа што ни во лудило нема да да побара помош да стане… Ќе видите љубов бесконечна, љубов доживотна, љубов каква само еднаш во животот се подготвени да покажат, ќе видите добрина која од страв да не биде злоупотребена се дава дозирано и се бара назад, не затоа што им треба, туку стравот да губат е посилен од нив.. Само погледнете ги во очи…

Не, не сакаат тие сами да се, само сакаат да се уверат кој е доволно подготвен да истрае покрај нив…

Тамара Грујовиќ

Прегледи:
885
Објавено на:
25.12.2016