Категории

Концерт на оркестарот на Филхармонија со врвниот ирски пијанист Бери Даглас

Со „Љубов за Клара“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија кој ќе се одржи в четврток на 12 декември во 20 часот. Солист е фантастичниот ирски пијанист Бери Даглас кој ќе го изведе романтичниот Концерт за пијано и оркестар оп.54 од Роберт Шуман. На програмата се и Шпанско капричо оп.34 од Николај Римски – Корсаков и Италијанско капричо оп.45 од Петар Илич Чајковски. Диригент е Емил Табаков од Бугарија.

Бери Даглас е ирски пијанист кој својата богата меѓународна кариера ја започнува во 1986 година кога го добива „Златниот медал“ на Интернационалниот натпревар за пијано „Чајковски“ во Русија. Важи за оригинален пијанист со препознатлива лирика во изразот и автентичен пијанистички сензибилитет. Критичарите го нарекуваат „титан на пијаното“. Бери Даглас како солист настапува со врвни светски оркестри, а во последниве неколку како уметнички директор на Камерата Ирска имаше имаше турнеи во Аргентина, Бразил, Австралија, Полска, Русија, САД, Британија, Италија, Јапонија… Освен со светските оркестри, Даглас настапува и како камерен музичар – свирел во „Ројал Алберт Хол“, „Вигмор Хол“, „Барбикан“… Ексклузивен уметник е на издавачката куќа „Чандос“ за која неодамна сними шест албуми со сите соло дела за пијано од Јоханес Брамс.

Бери Даглас ќе го изведе емотивниот концерт за пијано и оркестар од Роберт Шуман, посветен на неговата жена и најголема љубов – Клара Шуман. Во 1837 година, три години пред да се земат, Шуман и напишал писмо на Клара во која ги сумирал своите идеји за големо музичко дело за пијано (Концертот за пијано и оркестар оп.54). „Тоа ќе биде компромис меѓу симфонија, концерт и голема соната“, напишал Шуман. Амбицијата на млад композитор е очигледна во ова дело, но ќе поминат дури 8 години додека не биде премиерно изведено ова дело. Концертот каков што го познаваме во кој се чувствува среќа и романтичност од почеток до самиот крај премиерно се извел во 1846 година. Го извела Клара Шуман.

На програмата е и „Шпанско капричо“ од Николај Римски –Корсаков, фантастична оркестарска композиција која изобилува со различни музички бои, мелодиски дизајн и фигуративни матрици кои се менуваат во секој инструмент.

Ќе прозвучи и „Италијанското капричо“ од П.И.Чајковски – инспирирано од патувањето на композиторот во Рим. Додека бил во Рим ѝ пишал на својата пријателка Надежда фон Мек дека речиси ги финишира скиците за италијанската фантазија. Музички ова дело ја отсликува Италија, онака како што ја видел Чајковски.

Маестро Емил Табаков од Бугарија, кој ќе го води концертот во четврток е еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген.

Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригира и оперски спектакли, а на неговиот репертоар се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори. До сега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен…

Прегледи:
422
Објавено на:
11.12.2019