Категории

Лудиот римски император Калигула – Се прогласил себеси за бог а својот коњ го направил конзул

Калигула бил еден од најозлогласените римски цареви. Вистинското име му било Гај Јулиј Цезар Август Геманикус, а прекарот му бил Калигула што во превод значи „мала чизма“ а доаѓа од деминутивот за зборот Калига, кој означува римска воена чизма изработена од густо сложени траки кожа.

Тој го добил овој прекар уште како дете од 2-3 години во воениот логор на својот татко каде го облекувале во минијатурно воено одело со оклоп и чизмички. Војниците по тоа почнале да го нарекуваат мала чизма, иако тој подоцна воопшто не го сакал тој прекар.

Калигула станал римски цар кога имал само 24 години – во 37та година од новата ера. Бил третиот римски цар после Август и Тибериј а неговото рано владеење било речиси идилична. Римјаните на почетокот биле среќни што имаат толку млад и добар император.

Меѓутоа, шест месеци откако завладеал, Калигула тешко се разболел. Стручњаците веруваат дека станувало збор за своевиден психички слом. Остатокот од неговото владеење е нешто за кое и ден денес се зборува. Тој се претворил во чудовиште. Познати се неговите приказни за неговата врска со своите три сестри. Наводно во едното крило од кралската палата отворил и јавна куќа.

Својот коњ го чувал во палатата и го повикувал на вечера и го хранел со златен јачмен. Го именувал за конзул и свештеник.
Кога во една прилика во арената немало доволно криминалци за да бидат фрлени на дивите ѕверки, Калигула наредил дел од гледачите да бидат фрлени во арената. Се прогласил за бог и си изградил храмови на себеси во Рим и другите градови од царството.

Огромните трошоци на луксуз, пиење бисери растопени во оцет и големи јавни спектакли како и тиранско однесување и сексуална изопаченост предизвикале омраза кај римскиот народ спрема Калигула. На крајот тие се здружиле и го убиле со повеќе убоди од нож.