Кој последен се смее, најслатко се смее.
Мајка, која некогаш тежела 124 килограми и била малтретирана и нарекувана од бившиот „грдо дебело ѓубре“, ја преполови својата тежина.
Алвина Рејн била во насилна врска во која постојано трпела навреди и критики од партнерот кога ја достигнала најголемата тежина во својот живот. За да се справи со тагата, таа постојано јадела, внесувајќи 5.000 калории во еден ден. Нејзиниот оброци се состоеле од брза храна, засладени житарици и многу грицки во текот на денот.
„Се сеќавам дека моето поранешно момче ми велеше дека никој нема да ме сака ако го напуштам, дека сум безвредна и грда и дека никогаш нема да ослабам дури и ако се обидам. Ми велеше дека сум грдо дебело ѓубре и многу други злобни нешта“ – објаснила Алвина, која е мајка на две деца.
Во годините поминати со него, Рејн била тажна, изолирана од сите што ги сакала и без никаква самодоверба. „Животот ми беше грд, јас се чувствував грдо. Се мразев себеси што му дозволив да се однесува така со мене. Го мразев она во што си дозволив да се претворам. Знаев дека морам нешто да променам и стигнав до момент кога му реков да се губи од мојот живот засекогаш“ – вели 32-годишната Американка.
Раскинувањето со партнерот не била единствената промена која Рејн ја направила во 2010 година. Таа исто така одлучила да ги прекине нездравите навики на исхрана и започнала со кетогена диета, која одлично се одразувала и на нејзиниот изглед и на нејзиниот организам.
„Преминав на кетогена диета сиромашна со јаглехидрати и внесував 75% добри маснотии, 20% протеини и 5% јаглехидрати и набрзо започнав многу да слабеам. Со што и да се соочував, се потсетував на неговите зборови дека никој нема да ме сака, што ме правеше уште помотивирана да му го докажам спротивното“ – вели Рејн.
Откако таа ослабела 61 килограм и речиси ја преполовила својата тежина, нејзиниот поранешен партнер се обидел повторно да започне врска со неа, но таа го одбила.
Сега, Алвина тежи само 63 килограми, среќно е омажена со човек кој многу ја сака и се чувствува поздраво отсекогаш. „Кога имав прекумерна тежина, имав висок крвен притисок, почеток на дијабетес тип 2, синдром на полицистични јајници, анксиозност и панични напади. Сето тоа е само минато сега по 7 години кетогена диета и се чувствувам одлично“ – тврди Алвина, која сака да мотивира што повеќе лица кои имаат проблеми со тежината да го следат нејзиниот пат.
„Сега сакам да го искористам мојот YouTube канал за да им дадам надеж на луѓето дека без разлика што им се случувало во минатото, можат да имаат нова иднина. Сакам другите да знаат дека можат да го започнат животот целосно наново. Не мора да стоите во местото во коешто сте, моќно е да сфатите дека вие го контролирате вашето тело и вашиот живот“ – вели таа.