Категории

Македонски Маркетинг: Иднината – настан што ја собра македонската маркетинг елита, креативци, инфлуенсери

Во петокот, се одржа првиот маркетинг настан на тема “Македонски Маркетинг: Иднината” во организација на Creative Hub. Настанот имаше двојна улога на едукација и завршна прослава на студентите од Академиите за Маркетинг и ПР и Академијата за Графички Дизајн, во Хотел Парк.

На присутните најпрво се обрати, основачот на Creative Hub, Аријана Коскарова, која се заблагодари на поддршката од страна на “македонската маркетинг елита”, за овој настан, но и на целиот тим на Creative Hub кој за 9 месеци постоење успеа да направи подлога за реализација на еден ваков проект.

Настанот се одвиваше во три блока, две панел дискусии и претставување на завршните портфолија на студентите од Академијата на Графички Дизајн кои работеа на ребрендирање на “Сквиз Ми”, и студентите од Академијата за Маркетинг и ПР кои работа на маркетинг стратегија за брендот “Витаминка”.

Учесници во првиот панел “Иднината на Адвертајзингот” беа Елеонора Ѓорѓева од Публицис, Филип Димитров од Њу Момент, Ира Стефанов Бабиќ од Бренд Унион и Ирина Маја од Меккен Скопје. Модераторот Радмила Павловска, успеа низ низа прашања како и вклучување на публиката да развие една дискусија за проблемите со кои се соочува македонскиот адвертајзинг односно недоволно вклучување на маркетинг истражувања, како и квалитетно селектирање и инвестирање во содржини на традиционалните и регулирање на дигиталните медиуми. Дел од заклучоците од првиот панел беа, најпрво дека од самиот вид на реклама зависи кој медиум е соодветен за да се прикаже; не се предвидува целосно изумирање на ATL медиумите или пак целосна окупираност на BTL медиумите , иако се очекува поголема регулираност на дигиталните содржини; македонските маркетинг агенции се спремни за новите трендови независно дали станува збор за поголемо вклучување на VR или AR иако сметаат дека за жал во Македонија се случува се поголем “одлив на мозоци” токму од креативната сфера.

Во вториот панел “The Future of Content Creation ”говорници беа Владимир Ристевски од Пиксел кој во своето 15 минутно обраќање елоквентно направи споредба на дигиталниот маркетинг во светот и во Македонија, Лила Филиповска зборуваше на тема “инфлуенсер маркетинг” и како изгледа тоа како еден нов вид на професија во маркетингот, Сашка Чекаров од “VR-Port” прикажа примери на 3Д виртуелна реалност како еден нов вид на креирање содржини, а на истата тема говореше и Драган Захариев од “One Inside” кој приреди едно виртуелно искуство за присутните. Модераторот Аријана Коскарова, на крајот ги издвои следните заклучоци: за да се биде прв на Гугл, најпрво треба корисниците да бидат спремни да вложат во градење на една веб страна која ќе ги има сите елементи, инфлуенсер маркетинг бидејќи е тесно поврзан со видео и фотопродукција се очекува во иднина да прерасне во посериозни специјализирани инфлуенсер маркетинг агенции, а виртуелната реалност се очекува да биде поактивна во иднина поради фактот дека се користи пред се како продажна алатка, но и како средство за заштеда на трошоци во големи компании.

Во публиката можеше да се забележат голем број претставници на медиумите, како и инфлуенсери како Викторија Лоба, претставници од голем број маркетинг агенции, маркетинг директори, студенти, креативци што значи дека во Македонија има голем потенцијал кај младите за едукација од овој тип. Creative Hub ќе продолжи со иновативни едукациски програми за идните професионалци во маркетинг и дизајн индустријата.