Категории

Мамо, биди ми жива уште многу години…

Мајка ми има 70 години. Кога и да дојдам кај неа секогаш ме испраќа со крушки и јаболки ставајќи ги во мојата торба и извинувајќи се: „Не се многу убави на изглед, но многу се вкусни. И не се прскани, од нашата градина се. Земи, знам дека ги сакаш…“

И јас ги земам. Земам и сирење. Затоа што го сакам сирењето на мама. Излегувам, седнувам во автомобилот, си одам. И повторно негде одам. Брзам. Менувам градови и временски зони. Доаѓам кај мама кога можам. По завршувањето на сите обврски. По кафето со другарките и маникирот во салонот.

И носам нешто вкусно, брзо ја прашувам – како е, што има ново, нетрпеливо ја слушам (па што може да има ново кај неа и тато), некогаш одговарам иронично на нејзините прашања, за мене безначајни, проблеми и грижи. И повторно си одам – трчам по своите обврски.

Мама задолжително ќе ми каже дека сум слабо облечена, не го чувам грлото, затоа и кашлицата не ми поминува. Ќе ми каже дека многу работам и време е да се смирам. Ќе се сложи со мене дека животот е комплициран и дека не е страшно ако не можам да дојдам да ја видам.

Живееме 20 километри една од друга. Редовно и се јавувам и ги слушам нејзините детални приказни, за сестра и на која и е тешко бидејќи е сама на село, за тоа дека доматот не родил, дека не е ниту зелен, дека беше суша, дека нашата мачка ја нападнал песот на соседот…

Мене не ми е интересно. Ми се чини дека во нејзиниот живот не се случува ништо интересно. Станувам малку лута кога ми се жали за нејзините болки, а јас ја молам да оди на лекар, а таа одбива. Но, јас не сум доктор, како да знам какви лекови треба да пие?

И тогаш одеднаш, жално ми кажува: „Па кому да се пожалам, ако не тебе…“

И јас занемувам, држејќи ја телефонската слушалка во рака и сфаќам дека сум многу неправедна. И дека овој нејзин треперлив глас на слушалката, и сите нејзини зборови, и сите наши вечни расправии за тоа која од нас е во право, и нејзините негодувања и моите оправдувања – сето тоа е нашиот живот. Оној кој се одвива тука и сега…

Скокам, возам до неа „непланирано“, таа успева да ми испече лепчиња, тато ми нуди чаша од нашето домашно вино. Вино не можам. Возам постојано. Тој пие сам, го фали своето вино. Се смееме…

Се замотувам во шалот на мајка ми, преладно е. Мајка ми веднаш става дрва во печката. И јас сум повторно, мала безгрижна, задоволна девојка. Сѐ е вкусно. И топло. И нема никакви проблеми…

Мамо, само биди ми жива уште долго, бидејќи не знам како е да не го слушнам твојот глас, како е да живеам без твојата кујна и топлина дома која ја создаваш… Јас не знам како изгледа тоа – да живеам без тебе…