Категории

Млада битолчанка сама го преплива Охридското Езеро за десет и пол часа

29 годишната професорка по латински јазик од Битола, Софија Бејковска Чачоровска, денеска сама рекреативно го преплива Охридското Езеро. Во целосен мрак таа вечерва пристигна на целта во Охрид.

На овој подвиг Софија се решила за да го сврти вниманието на јавноста во Битола кон потребата од изградба на затворен пливачки базен.

– Збунета сум сега. Болката во мускулите е голема, но радоста е уште поголема. Желба ми беше уште како дете да го препливам Охридското Езеро, чисто за да кажам дека во Битола ни треба затворен базен за да можеме некогаш да оствариме добри резултати. – изјави Софија Бејковска Чачоровска.

Честитки Софија доби од нејзиниот тренер Кире Марков, кој исто така верува дека Битола наскоро ќе добие затворен базен.

-После доста години успеавме една млада битолчанка да го исплива овој напорен пливачки маратон на што и честитам. Се надеваме дека ќе имаме затворен базен и ќе имаме јаки пливачи. Битола има одлични спортисти, но потребни се услови. – истакна тренерот Марков.

Патеката од Св. Наум до Охрид во должина од околу 30 километри, Софија ја исплива за десет и пол часа. Маратонот таа го започна рано утрото, а на целта пристигна доцна вечерва бодрена од нејзиниот сопруг, таткото и тренерот кои ја придружуваа цело време. Во текот на пливањето Софија имала кризи, а најголемата се случила на десеттина километри до целта.

Имав криза кај Метропол и си помислив нема да стигнам до Охрид но цело време се убедував дека можев, го менував стилот, ми студеше, многу јаглехидрати и издржавме. – рече Софија Бејковска Чачоровска, која за подвигот се подготвувала два и пол месеци.

На целта кај градското пристаниште Софија ја пречекаа десеттици љубопитните минувачи кои со аплауз го поздравија овој несекојдневен подвиг на битолската пливачка.

Извор : ohridnews.com

Прегледи:
327
Објавено на:
05.09.2016