Категории

На сопственикот на “Alibaba” не му е гајле што продава фалсификати

Кинеската интернет продавница “Alibaba” се најде на удар на обвиненијата од производителите на луксузни производи, бидејќи дозволува продажба на фалсификати.

Џек Ма, првиот човек на кинескиот гигант за продажба преку интернет, вели дека многу “шкартови” сега имаат подобар квалитет од оригиналот, а истовремено се и поевтини.

“Проблемот е во тоа што лажните производи денес се поквалитетни и имаат подобра цена од оригиналите. Станува збор за исти фабрики, исти материјали, само не се користи истото име”, изјави Ма на состанокот на раководството на “Alibaba” во Ханжоу.

“Мораме да ја заштитиме интелектуалната сопственост, мораме да направиме сѐ за да ги запреме фалсификатите, но копирачите прават подобри производи по подобра цена”, додаде Ма.

Кинеската Агенција за индустрија и трговија наведе во извештајот објавен во јануари дека со продажбата на многу од производите на платформите на “Alibaba” – “Taobao” и “Tmall” се повредени авторските права, а продавани се и лоши и опасни производи, како и фалсификати.

“Kerin”, компанијата која продава луксузни модни брендови како Гучи и Ив Сен Лорен, покрена тужба против “Alibaba”, во која тврди дека “Alibaba” поттикнува продажба на фалсификати и профитира опасно од таа продажба.

Инаку, богатството на поранешниот професор по англиски јазик, Џек Ма, кој го основа сајтот “Alibaba”, неодамна достигна вредност од 28,6 милијарди долари.

 

Прегледи:
419
Објавено на:
15.06.2016