Категории

“На средина“, екранизирана животна приказна за Дино Мерлин

Биографијата на Един Дервишхалидовиќ е сведоштво за бурниот живот на Балканот, во кој освен војни, постојат и некои убави врски.

Документарниот филм „На средина“, кој во неделата навечер е емитуван на Ал Џезеира Балканс, ги запознава гледачите со животниот пат на Един Дервишхалидовиќ, познат како Дино Мерлин, кој е една од најголемите балкански ѕвезди на поп музиката на сите времиња.

Неговата биографија е воедно и сведоштво за бурниот живот на Балканот, во кој, освен војни, постојат и некои убави врски, оние кои се чувствуваат преку музиката и односот на публиката спрема заедничките музички ѕвезди.

“Обично кога ќе слушнам дека прават филм за некого, помислувам на најлошото – или дека е мртов, или дека неговото веќе одамна поминало, така што, кога Зумбул (режисерот на филмот Емир Зумбул Капетановиќ) и екипата од Ал Џезеира дојдоа со предлог да направат филм веднаш по започнувањето на турнеата ‘Хотел Национал’, не ми беше добро“, изјави Дервишхалидовиќ на промоцијата на филмот во Сараево.

“Помислив дека или се шегуваат, или дека почнале да ме отпишуваат. Но, еве, сеуште сум жив, уметноста која ја создавам сеуште е жива и голем број на луѓе тоа го препознаваат. Зборував во еден здив, во еден ден, и секако дека така не можете да раскажете сè, ниту да се сетите на сè . Некои важни случувања и луѓе ненамерно ги прескокнав.“

Но, истакнува Мерлин, дека “не е излишно човек, од време на време, да се погледне самиот себе си во огледало, да се осврне на она што било и како било. Затоа што, тоа што е позади нас, сите луѓе и случувања во нашите животи, нè прават она што сме денес, а она што сме денес, го одредува нашето утре“.

‘Им даваме глас на безгласните’

Иако Ал Џезеира Балканс, според зборовите на продуцентот на филмот Сеад Крешевљаковиќ, во склад со нивниот слоган “Give a voice to the voiceless” (Им даваме глас на безгласните), најмногу простор посветува на животот на обичниот човек кој преживува во турбулентниот свет кој нè опкружува, понекогаш отстапува од тој принцип, со цел во неретко мрачното балканско опкружување, да укаже на неговата посветла страна.

Еден од таквите примери, тврди, е и Дино Мерлин, музичар кој на крилјата на успехот на некогашната југословенска поп-сцена успеа, и покрај војната и деструкцијата, да истрае во својата животна определба и да стане вистинска поп-ѕвезда во државите настанати по распадот на Југославија.

Филмска екипа: Режија: Емир Зумбул Капетановиќ, Директор на фотографија: Амел Џиколи, Тон: Адис Баждаревиќ, Извршен продуцент: Риад Хасовиќ, Монтажа: Емир З.Капетановиќ, Асистент на монтажа: Денис Црвчанин, Соработник на сценарио: Џејна Авдиќ, Светло: K-LIGHT Сараево, Продуцент / Ал Џезеира Балканс: Сеад Крешевљаковиќ, Графички дизајн: Муамер Адиловиќ, Моделирање: Хасан Бајрамовиќ, Анимација: Аднан Халваџија, Фотографија: Едвин Калиќ.

Прегледи:
404
Објавено на:
23.03.2017