Повеќето од луѓето кои го погледнале инстаграм профилот на Сандра Кирков сигурно посакале да ја остават својата здодевна работа и да започнат авантура како нејзе.
Професијата како стујардеса ја носи низ сите краишта на светот, а таа целосно го искористува тоа истражувајќи и уживајќи во целост во сите места каде ќе слета. Љубовта кон патувањето и убавите работи е очигледна, затоа и нејзиниот профил е еден од тие на кои задолжително треба да се кликне follow.
„Сандра e светски патник, со срце во Дебар Маало, а нозе на сите континенти. 28 годишен истражувач на нови места, нации, култури, книги, серии и кафиња.“ вели за себе.
Динамична, но прилично возбудлива професија, која слободно може да се нарече авантура. Ја прашавме како започна се. Како Сандра ја започна оваа авантура?
„Во 2012 решив да заминам за Дубаи откако бев примена во најголемата авио компанија. Со другарката Елена, со која што учев средно во Скопје и студирав во Хрватска, решивме малку да го видиме светот. Еве после 6 години списокот на непосетени места е сеуште долг.“
Има посетено многу места во светот, различни култури и народи, но вели дека Европа секогаше и е на врвот „од Азијските земји Јапонија и Сингапур би ги издвојувам како држави за почит.“
Многу знаменитости, безброј добри локали за храна и кафе, сите моменти беспрекорно документирани и поставени на нејзиниот профил. Совршената фотографија се планира или е случајна?
„Со оглед на сите социјални мрежи околу нас, во градовите кои ги посетуваме однапред имаме смислено што ќе видиме, каде ќе сликаме, каде ќе се пие кафе итн. Но сепак зависи од имагинацијата на фотографот што ќе одлучи да направи, нешто ново или нешто веќе видено. Јас сеуште сама си ги наоѓам повеќето од местата, иако имам неколку кои секогаш ми се предложени од пријателитете или инстаграм и обавезно ги вметнувам на листата.“
Своја убавина имаат хаотичните светски метрополи, но и рајските плажи, а кога ќе ставиш или помеѓу нив и прашалник на крајот, како одовор добиваш…„Тежок избор“, се согласуваме и ние дека изборот меѓу двете е тежок.
„Колку и да уживам на плажа со поглед до недоглед, сепак големите урбани џунгли се повеќе во мој стил. Секогаш имам некоја нова занимација и нешто ново за посетување, ако ми е премногу гужва ќе избегам на кафе или во кино.“
„Порано не можев да трпам градски метеж и хаос по улици, сега изгледа сум навикнала и уживам во секој момент. Но плажа 2 недели годишно е исто нешто што не пропуштам!“ вели Сандра.
Лондон, Рим и Њу Јорк се нејзините Топ 3 места во кои одма би заминала. „Тоа се толку големи, преубави и преисполнети градови во кои никогаш нема да ти биде досадно. Константно има нови случувања, нови места на кои не сум стигнала да отидам минатиот пат, и секако тоа се градови во кои може да се фотографира секое ќоше. Сите се во различен стил и токму тоа е она што ме воодушевува секој пат.“
Секој има своја листа на желби, па ја прашавме каде има најголема желба да отпатува.
„Местата што сакам да ги посетам се во Франција, источна Австралија, а од летни дестинации би ги издвоила Бахамите и Аруба. За Франција конкретно ќе издвојам сигурно една недела или 10 дена да имам доволно време да ги истражам сите места што од мала ме воодушевувале.“
Како и сите во денешно време, не се дели од телефонот, па повеќето од фотографиите се направени со него. „Апаратот е најчесто употребуван кога сум на одмор или кога плански одам да фоткам.“
Фотографиите најчесто ги дотерува со Adobe Lightroom и Snapseed.
Што те прави среќна?
„Среќна сум кога сум во авионот за Скопје. Најсреќна кога сум со мајка ми, Роко, Ема и Јана, тие се основен дел од мојот живот. Без нив не би била комплетна. Среќа е Градски Парк, ладно пиво, лалиња, Италија и утринско кафе.“