Момо Капор е синоним за квалитетна експресија без разлика дали се работи за пишан збор, уметничка слика или статија. Како еден од најчитаните писатели од српската книжевност, Капор ни подари неколку од најубавите книжевни бисери.
Неговиот стил е едноставен, но не ја исклучува снаодливоста, речитоста и филозофијата. Секоја негова приказна потсетува на онаа блиска и човечка приказна од соседството.
После неговата смрт, тој продолжи да живее во неговите дела и во секоја наша прва љубов.
Ова се најубавите цитати од легендарниот Момо Капор:
„Човек може да најде колку што сака пријатели со кои ќе може да зборува, но малку се оние со кои ќе може да молчи.“
„Осаменоста не е во тоа што сме сами, туку во тоа дека не постои ништо по кое копнееме.“
„Денес секој има мобилен телефон, но многумина немаат на кого да телефонираат. Никогаш не може сè да се погоди!“
„Никогаш немаме доволно време за оние кои нè сакаат, туку само за оние кои ние ги сакаме.“
„Ѕвездите паѓаат и дење, само многумина не се во состојба да го видат тоа.“
„Човек може да каже дека не го промашил животот ако може да направи барем една работа подобро од другите.“
„Сите оние, кои бараат нешто важно, нешто скапоцено, нешто што одамна го изгубиле, чекорат на ист начин. Ќе ги познаете по тоа што кога одат по улиците и ништо друго не ги интересира: само гледаат пред себе и бараат, бараат…“
„Љубов… Таа е тешка како болест и кога човек има среќа да ја преживее, засекогаш му остануваат лузни кои бодат во определено време; при споменување на нечие име, во некое бледо предвечерие, со музиката која некогаш заедно сме ја слушале, дури и при површниот поглед на уличниот часовник каде што се сретнувавме.“
„Можеби среќата се состои во тоа навреме да престанеме да трчаме по неа? Да стигнеме до животот пред лекарите да ни го забранат пушењето, алкохолот, храната, пливањето, сончањето и љубовта?“
„Се бара една стара, користена недела, без вести за несреќи и војни! Се бараат пријатели, макар и дотраени, сите оние исчезнати, раселени, изгубени, се бараат сите оние кои нè разнесуваа парче по парче, дел по дел: делови од нашето време, нашите љубови, се бараат да ни ја вратат љубовта!“