Категории

Не дозволувајте да ве измамат: Еве како ќе препознаете кои намирници се свежи

Пред да купите храна разгледајте внимателно што ви нудат. Еве како ќе препознаете свежо месо, риба, јајца, млечни производи, салами, како и овошје и зеленчук.

Јајца

Доколку е јајцето свежо, тогаш неговата содржина нема да се тресе. Но, доколку е старо или расипано, неговата жолчка се поместува кога ќе го протресете. Постои и познат тест со помош на вода – колку помалку е јајцето свежо, се повеќе испливува на површина. Ставете го во сад наполнет со вода и погледнете што ќе се случи. Свежото јајце ќе потоне на дното од садот, а старото кое не треба да го јадете, плута на површина.

Риба

Свежата риба има сјај, шкргите се црвени и мириса на море. Колку е бојата побледа и со помал сјај – толку е рибата постара и со сомнителен квалитет. Кога бирате риба, погледнете во нејзините очи, бидејќи свежата риба има испакнати очи, прозирни и сјајни, а зеницата е црна. Ако очите имаат млечна боја и заматена рожница, тогаш никако не ја купувајте затоа што сигурно не е свежа, а може и да е расипана.

Месо

Свежото месо ќе го препознаете по црвено-виолетовата боја, во зависност од кое животно е месото и од кој дел од телото. Но, доколку е месото сиво, на некои делови или целото месо, тоа значи дека не треба да се продава. Сепак тоа не мора да значи дека е расипано, но сигурно не е свежо. Зеленикавата боја е знак дека месото е расипано и опасно за јадење. Исто така не купувајте месо, кое се продава на топло место.

Салами

Доколку површината на саламата е леплива наместо да е мазна и сјајна, подобро да не ја купувате и јадете. Исто така, промената на бојата на краевите (во потемна, сива или зелена) покажува дека се работи за производ кој не треба да го консумирате.

Млечни производи

Доколку капачето на јогуртот е подуено, тогаш значи дека не е во ред и не го купувајте. Истото важи и за млекото во тетрапак. Тоа се знаци дека производот во амбалажата почнал да се расипува.

Овошје и зеленчук

Тука нема голема дилема, бидејќи без грешка може да видите дали овошјето или зеленчукот е свеж или исушен и почнал да скапува на одредени места. Исто така, доколку производот не е цврст туку мек кога ќе го допрете бидете сомничави. На пример, добар компир има цврста и мазна кора, додека стариот компир има рапава кора. Доколку краставицата е цврста но има меки краеви, не ја купувајте бидејќи тоа значи дека не е свежа.