Категории

Нов земјотрес ја погоди централна Италија

Подрачјето на централна Италија кое беше погодено од серија земјотреси пред три месеца, повторно го погоди потрес во вторникот, овојпат со магнитуда од 4,4 степени по Рихтеровата скала, соопштија властите.

Земјотресот бил регистриран по 17,14 часот во покраината Аквила во италијанскиот регион Абруцо, наведува италијанскиот Државен институт за геофизика и вулканологија (INGV).

Епицентарот бил на длабочина од 22 километри на 11 километри од Аматриче, едно од местата кои на 24-ти август беше погодено од потресот со магнитуда 6 по Рихтер кога загинаа 300 луѓе, пренесе агенцијата Ansa. Засега нема информации за настрадани и штети.

Веднаш по потресот од 4,4 степени, бил регистриран уште еден со помала сила, од 2,2 степена, чиј епицентар се наоѓал во истата област, но на длабочина од 12 километри.

Весникот La Repubblica пишува дека тресењето на почвата било почувствувано и од жителите на Аквила, Терни, Риети и Перуџа.

Последните месеци во централна Италија се случија три големи земјотреса. Првиот со магнитуда од 6,9 бише регистриран на 24-ти август, и во него загинаа 299 луѓе. Вечерта на 26-ти октомври во истиот регион се случи серија подземни удари од кои најмоќниот имаше магнитуда 5,9. Утрото на 30-ти октомври, пак,беше регистриран земјотрес со магнитуда од ,5 кој предизвика разурнувања во стотина места во четири италијански региони, Марке, Умбрија, Лацио и Абруцо. Сите овие потреси беа проследени со долготрајни серии моќни афтершокови.

Земјотресот од 30-ти октомври беше најсилниот во Италија од оној во ноември 1980 година во областа Кампанија, во близина на Неапол, кога загинаа 3.000 луѓе. Земјотресот,пак, кој ноќта на 6-ти април 2009 година го погоди градот Аквила однесе 309 животи, а беше со магнитуда од 5,8. А најмалку 95.000 луѓе загинале во катастрофалниот земјотрес со магнитуда од 7,1 степени во Месинскиот теснец во 1908 година.

Италија е сеизмички една од најактивните области во светот, особено по должината на планинскиот венец, бидејќи со еден дел се наоѓа на евроазиската а со другиот на африканската тектонска плоча. На италијанските Апенини, кои се протегаат од Лигурија на северозападот па сé до Сицилија на југ, доминираат раседи во Земјината кора, а секој во просек е долг од 10 до 20 километри. Научниците објаснуваат дека сегашната сеизмичка активност со еден вид „растегнување“ на Апенинскиот полуостров од исток кон запад, и укажуваат на тоа дека потресите со различна сила, најверојатно, ќе продолжат.

Извор: Макфакс

Прегледи:
302
Објавено на:
30.11.2016