Категории

Од денес тимови на Црвениот крст ќе патролираат низ Скопје за заштита од топлотниот бран

Црвениот крст на град Скопје, со поддршка на град Скопје подготви акционен план кој опфаќа теренски активности во насока на справување со евентуални топлински бранови. Согласно искуствата од претходните години, мобилни екипи составени од лекар или парамедик ќе патролираат низ градот Скопје, ќе се дистрибуира вода, флаери со совети, ќе се мери притисок на граѓани кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи ќе биде обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до домот на лицето.

За активностите во наредниот период, ангажирани ќе бидат 20 волонтери од Тимот за одговор при катастрофи, 10 волонтери од Тимот за спасување на планина и 5 возила од кои 4 ќе патролират низ градот, а две за време на викенди ќе бидат дежурни на Планинско спасителните станици Водно и Матка.

Од четврок (13.06), по 2 мобилни тима ќе излезат на терен и тоа во периодот од 11:00-16:00 часот ќе патролира низ централното градско подрачје и на поголемите автобуски постојки. Активностите ќе продолжаат согласно прогнозите за високите температури.

Тимот за спасување на планина при Црвен крст на град Скопје како и секоја година така и оваа активно се вклучува во активностите околу превенирање и намалување на штетите предизвикани од топлотниот бран и пожарите. Волонтерите од тимот, преку пропагандниот материјал ќе влијаат на свеста на граѓаните и нивните навики кога се движат низ планинските предели и ќе бидат активни во давање на совети како да се заштитат од топлотнитиот бран и да им укажат Прва помош доколку е потребно.