Категории

Онлајн настан ,,Креирање на бизниси базирани на вредност” во организација на Економскиот факултет – Скопје

Оваа година Економскиот факултет – Скопје, слави јубилеј 70-години постоење. Во оваа значајна година за нас, го основавме Јунус центарот за социјални бизниси и со тоа станавме дел од глобалната мрежа на центри за социјални бизниси под името ,,Јунус”, основани на повеќе од 80 универзитети низ целиот свет.

По овој повод Економскиот факултет-Скопје на 10.12 2020 година со почеток во 14.00 часот организира онлајн настан ,,Креирање на бизниси базирани на вредност”, на кој Јунус центарот за социјални бизниси официјално ќе биде отворен и ќе биде претставено неговото работење пред пошироката јавност.

Притоа имаме особена чест, лично професорот Јунус да одржи предавање на темата за социјалното претприемништво и социјалните бизниси, а воедно и официјално да го отвори Јунус центарот за социјални бизниси.

Во рамките на настанот ќе биде организирана интерактивна дискусија на темите поврзани со социјалното претприемништво и градењето на екосистемот за поддршка на социјалните бизниси.

По овој повод, би сакале да ве поканиме да ни се придружите и да бидете дел од настанот на кој ќе можеме да го проследиме еден од најзначајните говорници и глобални лидери на темата на социјалното претприемништво, професорот Јунус, да слушнеме и продискутираме за значењето од создавањето и развојот на екосистемот за поддршка на социјалните бизниси, како и да ве запознаеме со можностите за взаемна соработка во рамките на Јунус центарот за социјални бизниси.

Регистрацијата можете да ја извршите ТУКА.

После извршената регистрација автоматски ќе добиете линк за вклучување на настанот.

Јунус центарот за социјални бизниси е истражувачки хаб за социјални бизниси основан од професорот по економија Мохамед Јунус, добитник на Нобеловата награда за мир во 2006 година. Центарот ги следи принципите и упатствата на професорот Јунус и се обидува да ја унапреди улогата на социјалниот бизнис во решавањето на најитните (приоритетните) проблеми во општеството поврзани со сиромаштијата, нееднаквоста, невработеноста, општествената инклузија, деградацијата на животната средина, како и унапредување на општествената благосостојба и квалитетот на живот на одржлив и ефективен  начин.

Повеќе информации за Јунус центарот за социјални бизниси можете прочитате на линкот.

Агендата од настанот можете да ја најдете на  линкот.

 

Прегледи:
576
Категории:
Настани · Скопје
Објавено на:
09.12.2020