Категории

ПАНДЕМИЈАТА ДОНЕСЕ ЗАГУБА ОД РАБОТНИ ЧАСОВИ ЕКВИВАЛЕНТНИ НА 120.000 РАБОТНИ МЕСТА

Кога пандемијата ја погоди земјава, владата, работодавачите и синдикатите, преку Економско-социјалниот совет, побараа од Меѓународната организација на трудот (МОТ) да направи процена на влијанието на пандемијата врз пазарот на труд, да даде преглед на политиката како одговор на кризата, како и предлог-решенија, додека земјата се обидува да помине низ различни фази од кризата – затворање, реактивирање и закрепнување.

Автори на текстот: Даниела Ѕампини, Специјалист за вработување, Меѓународна организација на трудот, МОТ Наташа Мечкароска Симјаноска, координатор на проектот на МОТ Зајакнување на социјалниот дијалог

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) се приклучи на напорите на МОТ и во средината на мај беше објавено првото издание на извештајот „Ковид-19 и светот на работата: Брза процена на влијанијата врз работните места и политиката како одговор на кризата предизвикана од ковид-19“.
Една од важните работи што се истакнува во документот е преземање на вистинските мерки во вистинско време со цел да се постигне максимален резултат од вложувањето. Во период на мерки за изолација и за ограничено движење, се стави акцент на зачувување на работниот однос и на одржување на работните места и приходи. Во фазата на реактивација, земјата треба да додаде дополнителни цели, вклучително и подготовка на работните места за можно повторно враќање на вирусот.

Спроведената анализа вклучува повеќе алатки, меѓу кои и анкета на повеќе од 300 претпријатија. Сложеноста на состојбата бараше повеќеслоен пристап за подобро да се разберат различните аспекти на кризата.
Оваа криза е специфична поради истовременоста на шоковите и на страната на побарувачката и на понудата. На почетокот, владините рестрикции и социјалните заштитни мерки на работното место веднаш ја намалија понудата. Луѓето не само што ја намалија потрошувачката на одредени стоки и услуги во текот на карантинот, туку, исто така, загубија приходи и ја одложија потрошувачката на несуштински производи и услуги. Мартовските податоци евидентираат пад на трговија на мало за 4,6 проценти (во споредба со претходната година), во трговијата на мало со непрехранбени производи има пад од 12,7 проценти, додека трговијата на мало со храна, пијалаци и со тутун бележи пораст од 3,5 проценти.
Кризата ја покажа и способноста на дел од компаниите да се приспособат на тешката ситуација во која се најдоа. Некои фармацевтски компании се обидоа да бидат во чекор со околностите што се менуваа и почнаа да произведуваат средства за дезинфекција. Некои текстилни компании се ориентираа кон производство на маски за лице, заштитна облека и слични производи, пред сѐ за здравствениот сектор, но и за другото население. Откако безбедносните мерки на изолација и на ограничено движење беа повлечени, земјава почна да се движи кон реактивирање на својот производствен капацитет, но потрошувачката не се врати на нивоата како пред кризата.

Повеќе за оваа тема прочитајте во најновото издание на списанието за одржлив развој, Лице в Лице, кое чини 100 денари. Половина оди за продавачите, кои се ранливи сограѓани. Ним, во време на пандемија и економска нестабилност, нашата поддршка им е најпотребна.

Прегледи:
501
Категории:
Здравје
Објавено на:
09.10.2020