Млад брачен пар одлучил да направи „пауза“ од стариот начин на живот за да патува низ светот, а сега му плаќаат за да посетува егзотични дестинации.
Скот и Колет Столер одлучиле дека сакаат да го истражат светот откако биле на сафари во Јужна Африка. Бидејќи немале можност да го направат тоа и да ги зачуваат своите постојани работни места, младите авантуристи дале отказ од работа, го дале својот дом под кирија, ги продале своите автомобили и тргнале на 7-месечно патување низ светот, кое подоцна се претворило во нивна професија.
„Се уморивме од работењето за туѓи соништа и одлучивме дека сакаме да го живееме нашиот личен сон“ – пишуваат тие.
Парот тргнал на својата животна авантура во јуни 2015 година, а нивното патување сè уште трае. Досега, Скот и Колет имаат посетено 70 земји од светот, од кои омилени им се Јужна Африка и Нов Зеланд. Како најубави градови ги посочуваат Истанбул и Амстердам.
Скот и Колет се основачи на блогот „Romaroo“. Тие создаваат фотографии, видеа и текстови за туристички брендови, кои им ги спонзорираат патувањата. На Instagram, нивните авантури ги следат речиси 60 илјади лица.
Скот тврди дека патувањата не само што ги исполнуваат внатрешно, туку и им ја зацврстуваат врската.
„Заедничките патувања ја зголемија љубовта меѓу нас. Моќта да ги создаваме најголемите наши љубовни приказни лежи во нас самите, а ние веруваме дека медениот месец никогаш не мора да заврши. Одвојувањето време за да ѝ се посветиме на нашата врска создаде длабока поврзаност меѓу нас, доверба и пријателство“ – вели 33-годишниот Американец.