Нова година, нови почетоци, нови авантури, нови дестинации. Доколку оваа година сакате да прошетате нови места, започнете уште од сега да барате локации.
На пример, барајте места за кои до сега не сте слушнале. Тие ќе го направат вашето патување повозбудливо и поинтересно и сигурно ќе доживеете авантури за кои до сега не сте ни помислиле дека би можеле да ви се случат.
По прилог прочитајте за следниве необични локации, за кои сигурно не сте слушнале до сега.
Машад Иран
Машад се наоѓа во северо-источен Иран и е местото каде што е закопан имамот Реза и после Мека и Медина, ова е едно од најважните места за аџилак во муслиманскиот свет. Џамијата од 9-от век е најголемата џамија во светот и дури и оние коишто не се муслимани се добредојдени да ја посетат и да влезат во неа.
Канха резерватот за тигри, Индија
Резерватот за тигри во Мадја Прадеш е сè уште дом на завидна бројка на роднините на Шир Кан (во моментов резерватот има 106 тигри на број), а покрај нив во резерватот има и леопарди, мајмуни и голем број на разновидни птици.
Сокотра, Јемен
На 250 километри од ’ртот на Африка, во Индискиот океан, се наоѓа архипелаг на острови коишто се под владеење на Јемен. Главниот остров, којшто се вика Сокотра, е откинат од светот уште кога се делеле земјените плочи и затоа на него повеќе од третина од 825 видови на растенија се ендемски видови. На Сокотра нема многу патишта, но можете да го пропешачите целиот остров спиејќи под шатор, во рок од една недела или можете да користите камила или 4×4 сафари џип.
Камчатка, Русија
Камчатка се наоѓа во екстремниот северо-исток на Русија и е природен музеј на вулканологијата со скоро 300 вулкани, од кои 29 се сè уште активни. Камчатка е заштитена од УНЕСКО, а помеѓу вулканите се наоѓа и 6 километри долго поле од гејзери, коишто се дел од Кронотски националниот резерват, заедно со голем број на природни топли извори.
Церо де лос сиете колорес, Аргентина
Ридот со седум бои се наоѓа веднаш до градот Пурмамарка во северна Аргентина, кој е дел од Кебрада Хумахуака планинскиод венец. Уникатно обоените карпи се резултат на игра на многубројните слоеви на морски седимент и тектонски поместувања во тек на изминатите 400 милиони години. Боите на карпите се најживописни по изгрејсонце, а најдобар начин да ја истражите околината е пеш или со неколку лами, на коишто ќе го носите багажот.