Категории

Почеток на сезоната 2018/19 година во Македонска опера и балет

Македонската опера и балет со особена чест и задоволство Ви го најавува почетокот на новата сезона 2018/19 година со моќната изведба на најпопуларната сценска кантата Кармина Бурана од германскиот композитор Карл Орф.

На 28 и 29 септември со почеток во 20 часот публиката ќе може да дојде и да ужива на средба со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот.

Кармина Бурана со години го привлекува вниманието како на режисерите и кореографите, така и на бројната публика која постојано ја бара на тековниот репертоар.

Кореографијата и либретото на претставата e на Кан Аслан од Турција, сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимите за операта ги направи Елена Дончева, а за балетот Гизем Бетил од Турција. Асистент на кореографот е Ана Лусија Фереира од Португалија, а асистент режисер е Дејан Прошев.

Под диригентската палка на Бисера Чадловска и хор мајсторите Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ настапуваат хорот, оркестарот, оперските и балетските солисти. Како оперски солисти ќе имаме можност да ги видиме Наде Талевска (сопран, 28.09.2018), Катерина Стојановска (сопран, 29.09.2018), Горан Начевски (баритон) и Луиџи Скифано (контратенор) од Италија, а солистите на балетот се Марија Кичевска Шокаровска, Ивана Коцевска (28.09.2018), Наташа Јосифовска (29.09.2018), Саша Евтимова, Игор Веланоски и Мирослав Митрашиновиќ. Во претставата покрај хорот, оркестарот и солистите настапува и комплетниот оперско-балетски ансамбл на Македонската опера и балет.