Категории

ПОСТОИ ВРСКА ПОМЕЃУ МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ И РАКОТ, ПОТВРДУВА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ

Ново поголемо истражување спроведено од американската влада потврди дека постои врска помеѓу мобилните телефони и ракот. Ова претставува значаен развој за истражувањата поврзани со долгогодишната контроверзија за тоа како мобилните телефони влијаат на здравјето на корисниците.

Научниците од Националната програма за токсикологија изложија машки стаорци на видот на радиофреквенции кои вообичаено се емитуваат од мобилните телефони. По изложувањето, научниците пронашле два типа на тумори во мозокот и срцето кај животните. Тумори не биле пронајдени во стаорците кои не биле изложени на фреквенциите.

Повеќе од 2 500 стаорци биле дел од експериментот, изложени на различни интервали во период од две години за потребите на истражувањето.

Во посебен извештај, научниците велат:„ Поттикнати од распространетата употреба на мобилните комуникации меѓу корисниците од сите возрасти, дури и мало зголемување на појавата на болеста како резултат на изложеност на радиофреквенции, може да има широки последици за јавното здравје“.

Студијата е една од најголемите и пошироки анализи за мобилните телефони и ракот, која ја чинеше американската влада 25 милиони долари.

Рон Мелник, поранешен истражувач на Националната програма за токсикологија изјави:„Мислам дека ова става крај на мислењата кај луѓето дека не постои ризик“.

Научната фела беше поделена за ова прашање уште кога за првпат беше покренато во деведесеттите. Многу претходни истражувања покажаа дека постои поврзаност помеѓу ракот и мобилните телефони, но беа критикувани поради методологиите, или поради малиот број на примери.

Прегледи:
416
Објавено на:
29.05.2016