Минатиот петок „Гугл“ откри дека е време за редизајнирање на контролата на сигурност и приватност поврзана со нејзините услуги и сервиси. „Гугл Дашборд“ е создаден во 2009 година, а со неговиот нов дизајн работите ќе бидат многу попрегледни и полесни за користење.
„Гугл Дашборд“ ги содржи активностите на корисникот и алатките поврзани за одредени „Гугл“ сервиси. Преку нив корисникот може да види практично сè што „Гугл“ знае за него, но и да дознае колку е-пораки и фотографии има во „облакот“. Функционалноста на новиот „Дашборд“ ќе остане иста, но визуелно работите ќе бидат многу поразлични.
Корисниците полесно ќе се снаоѓаат во новото графичко опкружување каде што одредени елементи ќе бидат групирани за полесно користење. Во секој случај, станува збор за подобро издание од постојното, каде што корисникот треба да помине низ страници за да ги постави приватноста и безбедноста на својата „Гугл“-сметка.
Надградбата треба да почне да се шири за неколку недели, а „Гугл“ открива и некои интересни бројки поврзани со „Дашборд“. Така, сега повеќе од 150 милиони корисници ја искористиле можноста „Моја активност“ за да пронајдат стари линкови и филмови, а десетици милиони корисници ја искористиле алатката „Проверка на приватноста“ за да ги променат своите поставки поврзани со приватноста.
извор:факултети.мк