Категории

Романот „Емоционален манипулатор“ на македонската писателка Ксенија Николова беше промовиран во Софија

„Емоционален манипулатор“ – романот на младата македонска писателка Ксенија Николова беше претставен во КИЦ на Северна Македонија во Софија.

Писателката Ксенија Николова за дописникот на МИА од Софија го изрази задоволството од појавувањето на нејзината книга на бугарскиот пазар на книги, објавена од “Books4all”, како и можноста да и ја претстави книгата на бугарската публика која ја прифати со одушевување.

Таа изјави дека литературите на Бугарија и Северна Македонија треба да соработуваат и да се запознаат подобро, да разменуваат културни идеи и можности и да продрат со цел да ги зајакнат контактите меѓу нив. Таа додаде дека треба да им се даде можност на младите автори од двете земји да се запознаат едни со други, а издавачките куќи да ги презентираат своите книги за да можат општествата подобро да се запознаат.

Николова сподели дека треба да им се пружи поддршка на младите автори бидејќи не станува збор само за литературата туку и за културата воопшто.

„Ова може да биде важна мотивација за младите претставници на културата да се чувствуваат значајни, дека тие придонесуваат за меѓусебно разбирање и размена на идеи“, вели Николова.

Според неа, во моментов во Северна Македонија има многу интересни автори кои пишуваат и создаваат модерна литература и дела. Дигитализацијата и модерните медиуми влијаат на овој културен процес, што ја зајакнува нивната желба да ги презентираат своите креации и книги.