Категории

Роналдо ризикува да не игра на ЕП 2016

Најдобриот играч на Реал Мадрид и капитен на португалската репрезентација, Кристијано Роналдо е пред голема дилема. Трикратниот освојувач на „Златната топка“ за најдобар играч во светот, ги пропушти последните два меча на Реал Мадрид поради повреда на бутниот мускул. Тој не играше против Манчестер Сити во Лигата на шампионите и против Сосиедад во Примера дивисион. Сега од таборот на „Кралскиот клуб“ најавуваат дека тој ќе биде подготвен за реваншот против Сити во полуфиналето од Лигата на шампионите кој се игра в среда на „Сантијаго Бернабе“.

СЕ ВРАТИ НА ТРЕНИНГ

Роналдо се појави на тренинг и напорно работи за да биде да му помогне на тимот во еден од најважните мечеви сезонава. Лекарскиот тим на Реал верува дека напаѓачот ќе биде подготвен. Сепак, токму тој лекарски тим ја утна дијагнозата за повредата. Тие предвидуваа дека Кристијано има истегнување на мускулот, но по деталните прегледи во Манчестер, било утврдено дека се работи за пукнат мускул. Тоа не е воопшто наивна повреда и бара мирување на подолго време.

МОРА ДА МИРУВА МЕЃУ 18 И 21 ДЕН

За ваквата состојба на Роналдо се загрижија во португалската репрезентација. Лекарскиот тим на репрезентацијата предупредува дека Португалецот може многу да ризикува ако не игра сосема закрепнат. „Ако се работи за скинат бутен мускул, тоа е повреда која бара мирување меѓу 18 и 21 ден. Самото зараснување на мускулот трае меѓу 12 и 14 дена, а потоа неопходни се уште 5 до 7 дена за целосно враќање на мускулот. Затоа роналдо не треба да игра пред 10 мај. Ако се врати порано, тој ризикува да заработи многу посериозна повреда која ќе го оддалечи од Европското првенство во Франција“, предупреди докторот на репрезентацијата на Португалија, Нуњо Кампош.

СЕ ЛЕКУВА И СО МАТИЧНИ КЛЕТКИ

За да се забрза процесот на ракрепнување, најдобриот играч на Реал е под третман и со матични клетки. Сепак и тоа не е гаранција дека ќе заздрави и ќе биде 100 отсто подготвен за дуелот против „граѓаните“ во ЛШ.

Роналдо сезонава е главен во Реал и со 16 погодоци е убедливо најдобар стрелец во елитната европска лига. Токму тој е најзаслужен што тимот уште е во трка за трофејот, откако во претходната фаза даде три гола на реваншот против Волфсбург, за елиминација на германскиот тим.

„Секако дека ќе биде тешко против Манчестер Сити бидејќи се во полуфиналето, секако дека е силен тим. Имаат многу малку слабости. Ќе биде важен меч за нас“, рече Роналдо, кој додава дека веќе не чувствува болка и сака да игра во реваншот.

Прегледи:
412
Категории:
Спорт · Фудбал
Објавено на:
03.05.2016