Категории

Сара Горди: Ја чувствувам драмата во музиката и го користам јазикот на телото за да раскажам приказна

На 21.10.2016 во Скопје свој соло-настап на малата сцена на МОБ имаше Сара Горди, млада жена од Обединетото Кралство. Сара е дел од Culture Device Dance Project,  иновативна компанија за професионални танчери со Даунов синдром. Компанијата користи техники на импровизација и експериментални електронски звуци во обидот да помести граници во полето на современата кореографија и нуди професионална, уметничка и креативна платформа за танчери со Даунов синдром. Сара исто така има работено како модел – моментално е дел од проектот Radical Beauty – и како актерка, во сериите Upstairs Downstairs, Call the midwife, Holby City и Doctors. Интервјуто со Сара го изведе Флоренс Герет, нејзина сонародничка, која веќе неколку години живее во Македонија и која самата има танцувано како дел од танц групата за лица со Даунов синром – Larondina од Лондон, а моментално e член на Dancers United MK, инклузивна танц компанија од Скопје. Фотографиите ги направи Никола Колев, исто така член на Dancers United MK.

 

Ф.Г: Во Скопје си дојдена за да настапиш како танчарка, но ти си и актерка и модел. Можеш ли да ми кажеш нешто повеќе околу тоа – каде имаш работено како модел?

С.Г: Како модел имам работено во повеќе држави и градови, но најмногу во Лондон. Искуството е прекрасно и фантастично е да се работи со Даниел (Вајс, креативен дирекор на Culture Device Dance Project и Radical Beauty Project, н.з).

Ф.Г: Кога глумиш, дали ти е тешко учењето на текстот?

С.Г:  Па не, бидејќи мајка ми добро ме подготвува и заедно го поминуваме текстот.

Ф.Г: Како тоа што имаш Даунов синдром ти помогна при снимањето филмови/серии?

С.Г:  Па не би рекла дека мојот ангажман е врзан со попреченоста – се работи пред сé за личноста.

Ф.Г: Дали имаш добиено награди за твојата глума?

С.Г: Не, сé уште немам добиено награда.

Ф.Г: Дали сакаш музика и кој е твојот омилен тип на музика?

С.Г: Сакам рок и поп, но понекогаш слушам и друг тип на музика.

Ф.Г: Знам дека сакаш да танцуваш – затоа си и тука, во Македонија. И јас обожувам да танцувам и пред да дојдам во Македонија имам танцувано класичен балет. Дали и ти некогаш си изведувала класичен или само се занимаваш со модерен танц?

С.Г: Сакам класична музика, но и модерна музика. Танцувам на модерна музика. Тоа е импровизација- музиката ти влегува низ ушите, преку мозокот, во срцето и излегува низ телото. Нема многу кореографија, тоа се емоции изразени преку движења.

Ф.Г: Дали ќе танцуваш сама вечерва или ќе настапиш со некој друг на сцена?

С.Г: Ке настапам сама. Кога сум на сцена, ја чувствувам музиката, ја чувствувам драмата во музиката и го користам јазикот на телото за да раскажам приказна.

Ф.Г: Колку често вежбаш и имаш проби?

С.Г: Имам само една техничка проба пред настап. Тоа е всушност првото слушање, првото запознавање со музиката. Второто слушање е веќе самиот настап.

Ф.Г: Како се одржуваш во форма?

С.Г: Вежбам често, во фитнес центар и дома.

Ф.Г: Дали имаш посебен режим на исхрана?

С.Г: Па моментално немам некој посебен режим. Се хранам здраво, мајка ми готви – тоа што го добивам на чинија го јадам.

Ф.Г: Дали сметаш дека вежбањето е важно?

С.Г: Да, дефинитивно е важно и се трудам да ги охрабрам и другите да вежбаат.

Ф.Г: Дали се занимаваш со хуманитарна работа?

С.Г: Дa, работам како волонтер во British Heart Foundation. Исто така сум и амбасадор на MENCAP – држам говори за нив, а го имам отворено и нивниот маратон во Северна Ирска. MENCAP е британска организација за лица со интелектуална попреченост и проблеми со менталното здравје

Ф.Г: Дали имаш браќа и сестри?

С.Г: Да, имам сестра која е помлада од мене.

Ф.Г: Дaли живееш со семејството?

С.Г: Да, живеам со мајка ми и татко ми.

Ф.Г: Што сакаш да правиш во слободно време, дали патуваш често?

С.Г: Патувам многу често, а кога сум дома, во слободно време сакам да одам во паб со моите пријатели.

Ф.Г: Кој е твојот омилен спорт? Јас многу сакам да пливам, одам на пливање 5-6 пати неделно и се натпреварувам.

С.Г: Сакам пливање, играм фудбал, понекогаш рагби.

Ф.Г: Дали мислиш дека тоа што имаш Даун синдром те дефинира?

С.Г: Како што кажав, не се работи толку за синдромот – пред сé важна e личноста. Вака се обидувам да ги охрабрам и другите, да бидат позитивни во врска со тоа што имаат Даун синдром.

Ф.Г: Колку време ќе бидеш во Македонија, имаш ли планови да патуваш низ земјата?

С.Г: Нажалост нема да имаме време, распоредот ни е преполн! Имаме фотосесија, настап, работилница, танц-караоке, а потоа право на авион. Веќе следниот викенд имам друг настап во Бон, Германија.

Ф.Г: Одлично. Благодарам за интервјуто.

 

Прегледи:
552
Објавено на:
07.01.2017