Категории

СЕ РАДУВАМ НА МАЛИ РАБОТИ И ГОЛЕМО КАФЕ

Се радувам на ситници, на мали нешта. Се радувам кога ќе се разбудам наспана пред алармот и кафето е топло.

Ме радуваат малкуте сончеви зраци низ облаците, малите врапчиња што слетуваат на прозорецот каде што сум оставила ронки и малото детенце што ми се насмевна дур баба му го влечкаше за рака. Се радувам на мали чоколатца, мали коли, малите играчки на ќерка ми и изненадната порака на телефонот.

Сакам мали бакнежи на очите, топло гушкање и искрен поглед, попладне во јуни, средба во парк или слаткарница, шетање низ есенски лисја, рака што ми го тргнува праменот од пред очи, жежок ден покрај вода, ладна вечер со гушкање под ќебе, книга и дупло кафе, првите снегулки кои ми се топат на лицето дур чекорам дома.

Плачам за ситници, за мали нешта. Плачам кога ги нема врапчињата. Плачам кога нема сонце со денови зашто сакам да му правам друштво на дождот. Плачам секојпат, за секое изгазено, мртво, повредено и несреќно животинче што ќе го видам, како на пример малите мачиња што се уште непрогледани, ги оставил некој гомнар до контејнерот, таму каде што поминуваа коли.

Плачам за секој еден збор што ме навредил, повредил или ме натерал да се чувствувам безвредно. Плачам за секоја ситуација каде што не сум можела да помогнам и сум се чувствувала целосно немоќна.

Плачам кога и викам на ќерка ми затоа што јас сум нервозна. Плачам кога гледам филм. Плачам кога не се чувствувам сакана, посакувана и ценета. Плачам кога пријателите не ми се јавуваат и ме изоставаат од поканите за кафе или прослава. Или кога некој ми ги изгази цвеќињата во дворот.

Ги сакам сите мали работи во животот. Секое јавување, секој оброк, секоја дружба, секоја мала порака, секое мало дрвце што првпат врзува цвет, малите прстиња на бебињата, малите бакнежи за време на разговор.

Го сакам она малку време што останува од моментот кога ќе си легнете во кревет задоволни и уморни од денот што поминал, па се дур не потонете во сон. А сепак има две големи работи во светот што ги обожавам – големо кафе и тебе.

Наташа

Прегледи:
532
Објавено на:
12.05.2016