Модните специјалисти на големо веќе почнаа да претставуваат нови трендови кои ќе доминираат оваа пролет, па сигурно тоа ве прави неодлучни во што да инвестирате кога е во прашање гардеробата и како да бидете во чекор со трендовите но притоа да не го пренатрупате вашиот плакар со алишта кои нема да ги облечете и да не потрошите огромна сума од вашиот буџет само за да бидете во чекор со секој тренд кој излегува на пазарот.
Во продолжение ви ги откриваме клучните парчиња за оваа пролет за тоа како полесно да направите паметен шопинг и плус да изгледате во тренд. Овие парчиња се апсолутен must have, и сигурни сме дека ќе се вклопат во поголемиот дел од вашите комбинации и притоа нема да останат заборавени со наредниот бран на новите трендови.
1.БЕЛ ЕЛЕК
Инвестирајте во класичен бел блејзер-елек кој ќе се вклопи одлично во вашиот деловен елегантен стил, а при тоа исто така совршено се приспособува во лежерна варијанта со фармерки и панталони.
2. ШИРОКИ ПАНТАЛОНИ
Едно од клучните парчиња за оваа пролет се широките панталони од лесни материјали кои се совршен избор за топлите сончеви денови, можат да се комбинираат со патики, сандали и балетанки и во по формално издание со високи потпетици.
3. ТЕКСАС ЈАКНА
Веќе сите добро знаете дека симболот на пролетта е токму тексас јакната. Таа се вклопува во буквално сечиј стил, и може да се комбинира со секое парче кое го имате во вашиот плакар.
4. ФУСТАН СО ЅВОНЕСТИ РАКАВИ
Едно од најпопуларните парчиња за топлата сезона се романтичните фустани со широки „ѕвонести“ ракави. Овој вид на фустан е соодветен за секаква прилика и одлично ќе се вклопи со остатокот од вашата гардероба.
5. ЗДОЛНИШТЕ ВО А-КРОЈ
Ова здолниште дефинитивно ја одбележа изминатата сезона и не планира да го отстапи своето доминантно место, па затоа морате да го имате во вашиот плакар за оваа пролет..
6. РАМНИ САНДАЛИ
Оваа пролет хит тренд се рамните сандали со врвки. Тие се истовремено и елегантни и лежерни, па можете да ги носите во секаква комбинација.