Категории

СРЕЌА Е: Кога Вардар е европски првак во ракомет …

Македонскиот шампион денеска се искачи на врвот од ракометна Европа совладувајќи го тимот на Пари Сен Жермен во финалето од Лигата на Шампионите со 24-23.

Вардар и ПСЖ одиграа натпревар достоен за финале, со неколку пресврти, многу тактика и жестока игра.

Во поголемиот дел од натпреварот, Вардар ја имаше контролата врз резултатот, иако на полувремето тимот на ПСЖ замина со предност од 1 разлика со резултат 12-11.

Во вториот дел македонскиот шампион успеа да го направи пресвртот, водени од одличниот Дибиров и Арпад Штербик на голот, а конечните 24-23 ги постави Чупиќ со гол во последната секунда од натпреварот.

Тимур Дибиров со 7 голови беше најефикасен во македонскиот состав, Циндриќ и Борозан постигнаа по 3, исто толку даде и Чупиќ меѓу кои и победничкиот со звукот на сирената.

Кај ПСЖ најефикасен беше Никола Карабатиќ со 5 погодоци.

Голманот на Вардар, Арпад Штербик ја освои и MVP наградата за највлијателен играч на завршниот турнир.

Во меч за третото место Веспрем ја победи Барселона со 34:30.

Ова беше прво учество на Вардар на Фајнл Фор завршница во Лигата на Шампионите и во првиот обид успеа да стигне до титулата.

Прегледи:
522
Ознаки:
·
Категории:
Ракомет · Спорт
Објавено на:
04.06.2017