Категории

Среќен ти роденден Македонска филхармонија – симфониски концерт и изложба

Македонската филхармонија со гордост ја најавува прославата на својот 73 роденден. По тој повод, на 24 ноември (петок), на денот на формирањето на најстарата музичка институција во земјава, со почеток во 20 часот, ќе се одржи симфониски концерт под наслов „Среќен ти роденден!“. 

На програмата се Прелудиум за оркестар бр. 2 од македонскиот композитор Панде Шахов, виртуозниот Концерт за виолина и оркестар бр. 1 од Карл Голдмарк, на кој како солист ќе настапи македонскиот истакнат виолинист Љубиша Кировски, како и атрактивната симфониска поема „Американец во Париз“ од Џорџ Гершвин.

Македонскиот композитор, припадник на средната генерација музички автори, Панде Шахов, живее во Англија и предава група академски предмети на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Неговиот „Прелудиум“ бр. 2 е напишан во 2004 година, на поттик од диригентот Борјан Цанев, специјално за концертот на Софиската филхармонија во јануари 2005 година. Втор е од серијата четири прелудиуми, кои може да се изведат поединечно или како циклус. И, ова е прво оркестарско дело на Шахов во кое мелодискиот и ритмичкиот материјал е директно инспириран од фолклорот.

Концертот за виолина и оркестар бр. 1 оп. 28 од унгарскиот композитор Карл Голдмарк (1830–1915) е создаден во 1877 година, а премиерно бил изведен истата година во Бремен. Подоцна, Голдмарк напишал и втор концерт за виолина, но тој никогаш не бил објавен, бидејќи се верува дека е изгубен. Станува збор за мошне романтично дело кое почнува со унгарски марш и пасажи кои потсетуваат на естетиката на Дворжак и Менделсон во вториот и третиот став. Често е сместен на репертоарот на врвните виолинисти, меѓу кои и во програмата на Џошуа Бел.

Симфониска поема „Американец во Париз“ (1928) е опишана како симфонизирана џез-музика. Додека ја создавал, Гершвин се инспирирал од преубавиот Париз додека престојувал во него извесно време. Завршена е само четири недели пред премиерата во прочуената „Карнеги хол“ во Њујорк, во изведба на Њујоршката филхармонија под диригентство на Волтер Дамрош.

На концертот ќе му претходи кус ретроспективен осврт на историјатот на Македонската филхармонија на музикологот Марко Коловски, а ќе биде најавена и скорешната изложба на фотографии наречена „Маестро“, посветена на најзначајните диригенти на Македонската филхармонија. Спонзор на првата едиција „Маестро“ е „Арс Ламина“.

Македонскиот истакнат виолинист Љубиша Кировски дипломира на Факултетот за музичка уметноство во Скопје во класата на проф. Зоран Димитровски, во чија класа и магистрира со посебна пофалба Кум Лауде. Особено е забележителна неговата изведба на шесте сонати за соло-виолина од Е. Изаи во една вечер. Кировски настапувал како солист со Македонската филхармонија со концерти од Паганини, Виењавски, Шостакович и Хачатуријан во Скопје, Софија и во Сараево. Во 2001 година настапил во Санкт Петербург во рамките на „Денови на македонската култура“, со рецитал и како солист со оркестарот на Санктпетербуршката капела, во изведба на Концертот во А-дур од Моцарт.

Во 2003 година настапил во Лондон со МАК-трио, додека во 2006 година реализирал концертна турнеја во шест градови во Шведска, како солист со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија. Во 2012 година реализирал соло-концерт со дела за соло-виолина и виола. Кировски настапувал и како солист со Камерниот оркестар „Скопски солисти“ во изведба на концерти од Вивалди и Моцарт. Бил концерт-мајстор во Македонската опера и Македонската филхармонија. Моментно е редовен професор на ФМУ и водач на гудачкиот квартет „Гајдов“. Од 2011 година ја врши функцијата претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија. Веќе 24 години настапува во дуо со својата сопруга, пијанистката Маја Шутевска-Кировска.

Од основањето до денес, дуото има реализирано бројни настапи надвор од Македонија – Хрватска, Србија, Полска, Италија, Швајцарија, Турција, Северен Кипар, Бугарија, Лондон, Њујорк, Германија, како и на фестивалите во Македнија. Во 1997 година дуото специјализира на Европската Моцарт академија во Варшава кај еминентни професори – Г. Такач, И. Роман, Г. Жислин и Г. Самољотов, додека кај професорите Павел Гилилов и Пјер Амојал на Летната академија во Лозана се усовршувале за изведба на сонати за виолина и пијано, каде што од страна на професорите биле избрани меѓу трите најдобри дуа. Во 1998 година ја добиле Специјалната награда на ЦЕИ (Централноевропска иницијатива), на Меѓународниот натпревар за камерна музика „Трио ди Триесте“ во Италија.

Репертоарот на дуото опфаќа дела од барокот до музиката на 20 век со над 50 сонати за виолина и пијано. Дуото посебно го негува македонското музичко творештво и надвор од земјава, а досега има снимено и три компакт-дискови. Добитници се на наградите „Златна лира“ (2004), „Виртуози“ (2014) и „Георги Божиков“ (2014).