Во еден запис од Серско се вели дека во селото Горно Броди некогаш беснеела чумата и зела многу жртви. Луѓето забегале по горите и одбегнувале да се среќаваат еден со друг за да не ја предаде заразениот од неа на друг. Дури и купувачите не ги давале парите со рака, туку ги пуштале во сад со киселина, а заразените пари шумеле што значи чумата горела.
Во Велес, како што запишал Г. Бојаџиев се верувало дека чумата е жена со долга коса, со големи нокти и со страшно лице. Некогаш, многу одамна, луѓето биле многу лоши та затоа Господ ја создал чумата. Таа тогаш била многу силна, каде што ќе погледнела сè изгорувала. Дури и самиот Господ се исплашил од неа та еднаш кога минувала покрај него ја удрил со ровји и грмежи та ѝ се укочил вратот. Оттогаш таа не се врти лево и десно или назад, а удирала само што ќе видела пред неа. Во Струга ја викале панукла и ја сметале за стара жена. За да ја придобијат, во куќата ѝ оставале сапун, вода и др. и велеле: „Златнишче, милице! Да си доиш, да си се измиеш и да не правиш ништо лошо“.
Поради стравот од чумата човекот изведувал и други заштитни магиски дејствија, како што е заорувањето или ткаењето на чуминото платно. Имено се верувало дека едно село за да се заштити од чумата треба да се заора. Се орало со плуг влечен од два вола ‒ близнаци, терани од двајца браќа, исто така близнаци. Дрвениот дел од плугот требало да биде од дрво ‒ близнак, а ралникот од железо тајно собирано од девет синори. И ковачите што го правеле, исто така, требало да бидат близнаци. Ноќе се орале околу селото три бразди. Во тоа време сите жители на селото требало да бидат во своите домови. Така заораното село станувало недостапно за чумата.
Според еден запис од Дебарско, кога ќе се појавела чумата во некое село, за заштита се ткаело чумино платно и со него три пати се обиколувало селото. Платното го ткаеле во некоја куќа на крајот од селото. Таму носеле коноп и предмети за негова обработка: мелица, гребни, чешалки, урка, вретена, кросно, разбој итн. Конопот го пределе и ткаеле, а потоа исткаеното го навивале на кросно и го давале на една девојка сирак која го јавнувала како коњ и придружувана од другите девојки три пати го обиколувале селото. Притоа ја пееле песната:
Маро мајко,
Овде да не идеш,
Овде никој нема,
Маро мајко,
Мие коњи немаме,
На вратило јаваме,
Маро мајко.
Ај ќе те мажиме,
вʼ Кидан село големо,
Маро мајко.
За оџата кидански.
Маро мајко.
Тамо имат дечица,
тамо имат одај шарени,
тамо имат постели,
тамо имат миндери,
Маро мајко.
Тамо имат јунаци,
тамо имат девојки,
Маро мајко.
Овде веќе да не идеш,
Маро мајко.
По третото обоколување оделе низ селото и во секоја куќа оставале парче од платното и биле дарувани со разни пренрамбени артикли: месо, брашно, масло итн. Потоа со молчење оделе во туѓ синор, каде што ги закопувале разбојот, кросното, брдото, ништите, урката и другите предмети и се враќале со пеење на песната.
Мара мајка ја маживме,
в Кидан село големо
за оџата кидански,
каде имат дечица,
каде имат невести,
каде имат девојки.
Овие обредно-магиски дејствија требало да се завршат пред зори, односно додека петлите не пропеале трет пат. Потоа девојките учеснички во овие активности оделе во куќата каде што го ткаеле платното, од собраните дарови правеле заедничка гозба по што сите си оделе на спиење. При заорувањето и при обиколувањето со чуминото платно строго се внимавало на молчењето зашто некој погрешно изговорен збор можел да ја разлути чумата и таа да им пакости на луѓето.
Култот на светиот маченик Харалампиј бил широко распространет и во пиринскиот крај. Овде, на овој ден се месел обреден леб, го месела „чиста жена“, го носеле надвор од селото и го оставале за чумата. Во Гевгелиско овој ден се сметал за лесен празник кога можело да се работи. Но сепак, жените го држеле (празнувале) затоа што се сметал за глава на болестите. Мажите ги обиколувале нивите и бавчите, за да видат колку им нашкодил мразот во текот на зимата.
Во Радовиш „Аралапија“ се сметал за тежок празник и особено го држеле жените со мали деца, зашто уште бил наречен и „чумински празник“. Тој ден во црквите кревале панаги. Во Охрид „Свети Араламбос“ се сметал за „пануклин празник“. Араламбос се верувало, ја држел пануклата. Спространов со ова верување го забележал и следново предание: „Едно време ко одела по земјава да бијат, је остаале казан со вода, корито, сапун, за да се кʼпит. Еднуш шетала по земјава пануклата и бијала љуѓе. Еден стар чоек не сакал да побегнит, се скрил дома и се затворил отсекʼде. Нʼк дојт сега да ја видам, си рекол, откʼде ќе влезит! Та му влегла низ оџак и се расчекорила над мангалот да се грејт. Како се грејала задремала. По некое верме отворила дефтерите да и гледат. Стариоф чоек по кротко и и грабнал и в огон. Та се наљутила, удри, чинела со тупајнци и му велела: Ами сега како ќе дʼм јас џуап, а? Удри, удри и се кʼде удирала, само џумки се чинеле. Така гʼ изопрала“.
Пануклата одела само на право и никако не се вртела на лево и на десно. Ако бегале луѓето не ги удирала. Затоа таа велела: „Бежаноа мајка бело носила, небеганоа мајка црно носила“. (Во врска со ова е и пословицата: „Беганоа мајка бело носила, Стојаноа мајка црно носила“, што значи тој што бега ќе се спаси, тој што стои ќе настрада.)
Пануклата се преправала на мачка, кокошка, куче, се. „Еднуш Богдановци ја донесле од Влашко. Некој Елшанци ошле со леп у ними и је зеле в село. Та се престорила на кокошка, застанала на којнот и тргнʼлʼ. Тије не знаеле оту је пануклʼтʼ. Та тамо бидејќи немала меќи постели викала: Врана коска да не донесит во ова село! Шо ме донесофте во овʼ чкркʼ? Тије ја слушале ко викʼлʼ. От Богдановци им изопрала најмладите момчина ‒ се јунаци“.
Во Прилеп како што сведочи М. Цепенков Свети Харалампиј за свој патрон го имале казанџискиот (бакарџискиот) еснаф, а во некои места за свој покровител го имале и ѕидарите.
Тропар
Свети свештеномаченик Харалампиј
Господи, Твојот маченик Харалампиј во своето страдание примил негнилежен венец од Тебе, нашиот Бог; имајќи ја Твојата сила, ги победи мачителите, а ја скрши и немоќната смелост на демоните. По молитвите негови, спаси Ги нашите души.
1 2