Категории

„Тој може да најде подобра“

„Може да најде подобра. – Тоа е замката во која паѓаме толку често, гледајќи на љубовта како на некоја математичка равенка во која споредувањето на она што тој „нуди“ и што таа „дава“, доаѓаме до решение кое би требало стопостотно да открива дали се еден за друг.“

„Понекогаш стравувам дека не сум доволно добра за него. Тој е професор на факултет, влијателен е, јас заврив само средно училиште, немам нити работа“, ми рече и додаде „не дека не се прашувам дали би можел да пронајде подобра“.

Може да најде подобра.
Тоа е замката во која паѓаме толку често, гледајќи на љубовта како на некоја математичка равенка во која споредувањето на она што тој „нуди“ и што таа „дава“, доаѓаме до решение кое би требало стопостотно да открива дали се еден за друг.

Може да најде подобра.
Што воопшто значи да се биде подобра? Да има повеќе пари, да има подобро образование, да има добро платена работа, да има куќа на спрат, моќни родители, долги нозе, поголеми гради, темен тен, повеќе зборови за да каже?

Што значи „може да најде подобра“ и зошто некоја со подобро образование и подобри финансии би била подобра за него?

Поминав низ оваа приказна. Јас со завршен факултет, тој со средно тригодишно школо. Ми велеа „ти можеш да најдеш подобар“. Не ми беше јасно што мислеа кога велеа „да најдеш подобар“, кој би можел и поради што да биде подобар од него, и како некој може да знае што мене ми одговара и кој ми е мене добар?

Поминаа четиринаесет години, тој и јас сме сеуште заедно. Имаме дете. Му се отвораат работни можности за кои јас „факултетски образована“, можам само да сонувам. Тој е оној кој заработува три пати повеќе отколку јас. Но сето тоа е небитно и не го прави подобар отколку што беше тогаш кога се запознавме додека само „полираше“ чаши во малиот кафич, ја возеше колата на мајка му и бараше низ предниот џеб ситни пари за кафе.

Парите, образованието, високата куќа, куќата, колата, скапата кола.. не може да го направат некого подобар или по лош кога зборуваме за искрената љубов. Затоа што ако помеѓу двајца луѓе постои љубов, таа го брише сето ова, го руши секој ѕид кој поради глупости, предрасуди, пресметки стравови, го подигнуваме помеѓу себе.

Го слушнав сто пати тоа „можел да пронајде подобра“или „можела да пронајде подобар“. Јас сум „само“ келнерка, јас сум „само“ магационер без куќа, јас сум „само“ девојка која сака да јаде и да се дебелее, јас сум „само“ слабак без мускули, јас сум „само“ девојка како и секоја друга, јас сум „само“ просечно момче, неперспективен.. таа може подобро, тој може подобро.

Ваквите сомнежи секогаш ми алармирале на недостаток на самодоверба и на несигурна љубов.

Затоа што ако љубовта е силна помеѓу двајца луѓе, тогаш таа од „просечното“ момче прави надпросечно, таа ги топи килограмите и го брише целулитот (тие не исчезнуваат навистина, само таа на нив не обрнува внимание), од масните наслаги прави плочки, ја подигнува самодовербата (затоа што на некого си му најубав, најдобар, најважен, без тебе не може..) го крева до небото, почнуваш поинаку да чекориш, да гледаш, да дишеш, да спиеш, да јадеш, да се облекуваш, мислите ти се поинакви и течат поинаку. Почнуваш да сакаш се кај себе, затоа што некој ти покажал колку е тоа убаво и колку може безгранично да сака.

И се трудиш, затоа што некој те сака и верува во тебе, да бидеш уште подобар, да бидеш подобра, не за другите, не поради туѓите очекувања, туку поради него и себе. Поради љубовта.

Прегледи:
509
Објавено на:
12.01.2020