Категории

Трета изложба на макети, дијорами и минијатури

Пластичното макетарство во нашата Република, гледано од точка на подигнување на култоролошката свест, претставува вистински бисер кој зема се поголем замав кај младата популација. Растечката заинтересираност за овој вид на хоби кој понекогаш кај одредени макетари може да прерасне во уметност, говори за вистинската вредност, која ние како клуб сакаме да ја пренесеме помеѓу нашата млада популација во Република Македонија.

 Јас сум Драган Цветиќ, претседател на Макетарскиот клуб „Мајор Михајло Ивановски – Микс“. Мојата прва макета беше Миг – 21, која ја добив како подарок во далечната 1990-та година. Тогаш се роди мојата љубов кон ова прекрасно хоби. Дедикацијата, дисциплината и напорната работа кое ова хоби ми ги врежа како карактерни особини, ме изградија како комплетна личност. Сè уште неможам да ги заборавам моите натпреварувачки почетоци, кои ми ја пресликаа вистинската вредност на ова хоби. Учеството на макетарските турнири кои се одржуваа во соседните држави Србија, Бугарија и Грција, ми ја доловија и пренесоа вистинската порака за вредноста на ова прекрасно хоби. Тогаш и си замислив, што би било доколку вакво нешто би се одржало во нашата татковина? Колку луѓе би посакале нивните карактери да ги пресликаат во една добро изработена макета? Тоа е вистинската награда за душата на секој макетар. Дел по дел, ден по ден,  час по час, минута по минута, на крајот добивате вистинско ремек дело. Како поминуваа годините сè повеќе беше присутна идејата во нашата Република да се отвори макетарски клуб за да го пренесеме знаењето и да ја дигнеме културолошката свест. Така и сè започна. Јас со неколку пријатели од сферата на макетарството решивме да го основаме Макетарскиот клуб „Скопје“ кој подоцна беше преименуван во „Михајло Ивановски – Микс“, во чест на (Еден од најстарите и надолго активни макетари во земјата и активен воен пилот во АРМ.Тој исто така беше еден од основачи на клубот.Доајен на макетарството во републиката.). Првата неформална изложба се одржа во 2014 година, во музејот на македонската борба. Беа присутни голем број на  службеници од министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија и задоволството беше неизмерно.

Како што времето поминуваше задоволството се повеќе растеше, па така и во 2015 одржавме изложба во домот на АРМ каде присуствуваа над 20 макетари, каде покрај домашните учествуваа и странски макетари. Тоа беше главната награда која ја добивме како клуб, да ја преставиме нашата татковина како место каде што се цени хобито, каде што се цени артистичката експресија. Многумина од вас се прашуваат како изгледа една макета? Што ли треба да поседува еден макетар за да ги преземе првите чекори во светот на макетарството? Одговорот на сите ваши прашања може да ги пронајдете на нашата фан страна: https://www.facebook.com/maketarskiklubskopje.

Најголемиот дел од нашите макети кои ги изработуваме се од областа на воената авијација, копнени оклопни возила.

            Со огромно задоволство сакам да ви ја најавам нашата трета по ред изложба која ќе се одржи во домот на Арм на 03.03.2016 година, со почеток од 20:00 часот при што ќе има отварање, говор и коктел. На оваа изложба ќе присуствуваат 30 макетари домашни и странски макетари, како и ценетети гости кои со своите прекрасни  изработки на фантастички суштества од Table top Boardgaming-от  War hammer ќе ја збогатат престојната изложба. За подетални информации може да го погледнете настанот.

Автор на текстот Драган Цветиќ – Претседател на Макетарскиот клуб „Мајор Михајло Ивановски – Микс“.

Прегледи:
378
Објавено на:
29.02.2016