Категории

Вардар несреќно поразен од Динамо (1:2): Топката не сакаше во гостинска мрежа

Статива, па уште една и на крајот пречка како следбеници на несреќниот примен прв гол за водство на противникот. Вардарци ја немаа среќата барем со нерешено да патуваат на реваншот во Загреб

Интересен и возбудлив прв натпревар одиграа Вардар и Динамо во рамките од 2. квалификациско коло од Лигата на шампионите. Публиката може да биде задоволна со играта, но штета што резултатот не е поинаков. Едноставно вечерва топката не сакаше да влезе во мрежата. Колку среќата го сврте грбот на „црвено-црните“ да дојдат барем до нерешен резултат, барем да го избегнат поразот на овој натпревар. Вардар два пати погоди во стативата, еднаш пред крајот на натпреварот и во пречката, но никако топката не сакаше во мрежата. Имаше Вардар и други шанси да дојде до гол, имаше и Динамо, во секој случај одиме во Загреб со негатива, на „Максимир“ ни треба победа и тоа со минимум два дадени гола.

Мечот започна со добра шанса на Петар Петковски кој по една контра беше во добра позиција, ама нашиот фудбалер во последен момент беше изблокиран од страна на Сигали. Во 15. минута и првата прилика за Динамо Загреб преку Рог кој што од 20 метри се обиде, а топката оди крај голот. Во истата минута и Асани се закани, неговиот удар заврши право во рацете на Јежина.

И во 21. минута среќен гол за Динамо, односно несреќа за нашиот тим. Соудани од десната страна центираше во петерецот, а Мијушковиќ во обидот да ја расчисти опасноста, само ја удри таа топка која отиде во мрежата на Пачовски и го измами нашиот голман. Нашите играчи веднаш се обидоа да вратат и тоа по приликата на Којашевиќ кој што добро ја зафати топката после еден корнер, топката удри во некој од играчите на Динамо и отиде за малку крај десниот дирек.

Во 30. минута уште еден гол на Динамо Загреб. После одличната акција по десната страна која ја направија, стрелецот на првиот гол Соудани, овој пат во улога на асистент до Рог кој што беше прецизен во мрежата на нашиот тим.

Негативата во тие моменти не ги поколеба ниту демотивира Вардарци да се обидат да дојдат до погодок. Шанса имаше Којашевиќ кој што во 35. минута шутираше само крај голот, а една минута подоцна и најубавата шанса на Вардар во првиот дел. Петар Петковски се најде во убава позиција, се ослободи од својот чувар, и шутираше само во десната статива. И пред самиот финиш на првото полувреме Вардарци можеа да намалат, но обидот на Мијушковиќ со глава после корнерот го одбрани Јежина во корнер.

На почетокот на второто полувреме две замени во таборот на Вардар. На местото на Глигоров во игра влезе Велковски, а на местото на Петковски на теренот се најде Џонатан Боарето Балотели. Во 55. минута „екплозија“ од радост на „Филип Втори“. Фелипе повлече една добра акција, додаде до Хамбарџумјан кој избегна офсајд стапица, и стрелаше во голот на Јежина. Одличен погодок на нашиот ерменски интернационалец.

2

Само три минути подоцна се обиде Динамо да врати преку Хернандес кој што шутираше крај голот. Следуваше еден мирен период на натпреварот кога нашиот голман Томе Пачовски имаше феноменална одбрана и спаси чист гол. Се играше 67. минута, Сигали е осамен пред голот, нема офсајд, шутира а Пачовски само малку ја допре топката која отиде во стативата, се одби до Чориќ и фудбалерот на Динамо ја упати само крај голот.

Вардар преку Хамбарџумјан во 76. минута имаше нова закана, неговиот силен удар оди во рацете на Јежина. Нашиот тим уште еднаш го погоди дирекот од голот на Динамо. Боарето Дос Реис убаво се ослободи од својот чувар, шутираше силно но само во десната статива во 82. минута. Две минути подоцна обидот на Фелипе од слободен удар оди за малку над голот на Динамо.

3

Уште еднаш среќата на страната на Динамо Загреб во 90. минута. Којашевиќ убаво се ослободи од својот чувар, шутираше прецизно, топката го измами голманот Јежина, но удри само во пречката од гостинскиот гол и спречи нова домашна радост. Дојде и последниот свиреж на судијата кој делуваше разочарувачки по резултатот, но момците во „црвено-црни“ дресови дадоа се од себе да биде поинаку. Одиме во Загреб со негатива, и по можност да направиме чудо и да се пласираме понатаму.

2. КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ОД ЛШ, ПРВ НАТПРЕВАР

ВАРДАР – ДИНАМО З.  1:2 (0:2)

Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 20.000.

Главен судија: Роберт Мадли.

Помошници: Гери Бесвик и Јан Јусин (сите од Англија).

Стрелци: Хамбарџумјан 55’ (В) – Мијушковиќ (а.г.) 21’, Рог 30’ (Д)

Ж. Картони: Асани, Глигоров, Хамбурџумјан (В) – Фернандес, Рог, Стојановиќ, Мацел (Д).

ВАРДАР: Пачовски, Попов, Мијушковиќ, Грнчаров, Спировски, Којашевиќ, Асани (71’ Обрегон), Глигоров (46’ Велковски), Хамбарѕумјан, Фелипе, Петковски (46’ Боарето Дос Реис).

ДИНАМО З.: Јежина, Соудани, Антолиќ, Хенрикез (65’ Чориќ), Мачадо, Фернандес, Сигали, Шилденфелд, Рог (80’ Шовшиќ), Стојановиќ, Мацел (67’ Соса).

Извор: http://fkvardar.mk/

Прегледи:
415
Категории:
Спорт · Фудбал
Објавено на:
13.07.2016