Категории

Вегетаријанство и неговите категории

Во светски рамки сè повеќе луѓе се интересираат за вегетаријанството и сè поголем е бројот на луѓе кои поради најразлични причини се откажуваат од месото и продуктите од животинско потекло.

Многумина преминуваат кон вегетаријанска исхрана поради грижата за животните и животната средина, некои пак заради сопственото здравје, но кај друг дел вегетаријанци мотивацијата има религиозна или економска позадина.

Image result for vegetarian

Вегетаријанците прифаќаат посебна исхрана која го исклучува консумирањето на месо (вклучително риба и морска храна). Здружението на вегетаријанци го дефинира вегетаријанецот како личност која се храни со житарки, мешунки, јаткасти плодови, семиња, овошје и зеленчук, а може да консумира и јајца и/или млеко и млечни производи.

Image result for vegetarian

Вегетаријанството не е минлив тренд како што би го опишале одредени лица, туку тоа е начин на живеење и размислување, прифаќан и негуван векови наназад. Исто така, на вегетаријанската исхрана не треба да се гледа како на диета за слабеење, тоа е промена во животниот стил која вклучува нов режим на хранење.

Вегетаријанството опфаќа повеќе типови на исхрана и многу често доаѓа до забуни при дефинирањето. Можеби сте слушнале „Веган сум, не вегетаријанец“ или „Вегетаријанец сум, но не јадам јајца“ или „Вегетаријанец сум, но јадам риба“. Токму поради различните преференции на лицата кои практикуваат вегетаријанска исхрана, се издвојуваат неколку типови на вегетаријанци.

  • Ово-лакто-вегетаријанци. Покрај растителните продукти, консумираат и јајца и млеко и млечни производи. Оваа група на вегетаријанци е најбројна и кога некој ќе каже дека е вегетаријанец, се претпоставува всушност дека е ово-лакто-вегетаријанец, односно поимите се поклопуваат.
  • Ово-вегетаријанци. Покрај растителни продукти јадат и јајца, но ги исфрлуваат од исхраната млекото и млечните производи.
  • Лакто-вегетаријанци. Покрај растителни продукти консумираат и млеко и млечни производи, но ги исфрлуваат од исхраната јајцата.

istock_000017490436xsmall

  • Вегани

    Строги вегетаријанци кои целосно ги исфрлаат од исхраната производите од животинско потекло, дури и медот. Веганството не подразбира само специјален начин на исхрана, туку тоа е дефинирано како филозофија и стил на живот. Веганите го осудуваат секое искористување, мачење и убивање на животни, па не носат облека од вистинска кожа и природно крзно, повеќето избегнуваат продукти изработени од волна и свила и не користат производи кои се тестирани на животни.

  • „Сирови“ вегани

    Вегани кои вклучуваат во својата исхрана само свежи и неготвени зеленчуци, овошни плодови, јаткасто овошје, мешунки, семиња, житарки, билки, растителни масла и свежи сокови. Храната може единствено да се готви на температура до 48°C.

  • Фрутаријанци

    Исхраната им се базира на овошни плодови. Некои вклучуваат и јаткасти плодови и семки.

  • Радикални фрутаријанци

    Консумираат единствено овошни плодови кои сами паднале од растението на земја.

Image result for vegetarian fruits

Дополнително постои уште една категорија на т.н. полу-вегетаријанци. Тука спаѓаат лицата кои во исхраната вклучуваат риба или месо од живина, но не и месо од цицачи. Многумина избираат ваква исхрана како преоден чекор за полесно прилагодување кон вегетаријанската исхрана.

  • Пескотаријанци. Покрај растителни продукти консумираат и риба.
  • Полотаријанци. Се хранат со растителни продукти, но јадат и пилешко месо.
  • Поло-пескотаријанци. Покрај растителна храна, јадат и месо од живина и риба, односно „бело месо“.

Image result for pollo pescetarian

Здружението на вегетаријанци е категорично дека полу-вегетаријанците не спаѓаат во групата вегетаријанци, бидејќи вегетаријанството ги исклучува сите видови месо.

Неретко се среќава уште една група која се поврзува со вегетаријанството, т.н. флекситаријанци (повремени или флексибилни вегетаријанци). Станува збор за релативно нов термин кој ги опишува лицата кои воглавно се хранат со растителна храна, но понекогаш јадат и месо.

Добро испланираната вегетаријанската исхрана не само што не го нарушува, туку и го подобрува здравјето. Клучот кон здравата вегетаријанска диета е консумирањето на разнообразна храна, при што посебно внимание треба да се посвети на внесувањето на железо, протеини, витамин Б12, омега-3 масни киселини, калциум, цинк и витамин Д.

Image result for pollo pescetarian

 

Прегледи:
622
Објавено на:
07.10.2016