Категории

Викендов преку 10 земјотреси ја стресоа Македонија

10-тина земјотреси вчера и денеска ја тресеа територијата на Македонија.Три од нив беа големи, а останатите мали потреси.

Движењето на тлото најмногу го почувствуваа граѓаните во југозападниот и североисточниот дел од земјава, но со помал интензитет и во другите региони. И жителите на главниот град, особено оние што живеат во висококатници забележале мало тресење на објектите. Освен паника, засега не се пријавени штети.

Најсилните земјотреси беа првите два кои се случија вчера околу 18.30 со јачина од 4.8 и 4.9 степени според Европската макросеизмичка скала. Епицентрите беа лоцирани на 15-тина километри јужно од Вранештица, кичевско. 15 минути по 19 часот следеше земјотрес со помал интензитет од 4 степени на 11 километри западно од Демир Хисар.

Од тогаш, па до 6 часот и 28 минути утринава граѓаните можеа да почувствуваат серија од 6 земјотреси со послаб интензитет со магнитуда од 2.1 до 3.1 степен според Европската макросеизмичка скала. 3 од епицентрите на потресите беа лоцирани во близина на Ресен, 2 во околината на Кичево и 1 во Демир Хисар. Граѓаните на Делчево и Пехчево, пак, околу 11 часот почувствувале два послаби земјотреси со епицентар во Сандански, Бугарија.

Од Институтот за земјотресно инженерство велат дека потреба од паника нема. Опасност од поголем земјотрес не постои, а тлото постепено ќе се стабилизира.

Сеизмолозите со апел до граѓаните да не веруваат на одредени тврдења дека поплавите им претходат на земјотресите, бидејќи тоа не е научно поткрепено со докази. Според нив, не може да се предвиди кога ќе се случат земјотресите, иако има одредени индикации особено на трусните подрачја во кои се вбројува и територијата на Македонија.
Прегледи:
489
Објавено на:
22.05.2016