Категории

ВИКЕНДОВ СКОПСКИ ГРАДСКИ ФЕСТИВАЛ ПО ВТОР ПАТ ВО СКОПЈЕ

Второто издание на Скопскиот Градски Фестивал ќе се одржи на Школка во Градски парк, во сабота на 16 октомври, во организација на Баги Комуникации.

Исто како и минатата година, и ова второто издание на Скопски Градски Фестивал донесува возбудливо музичко искуство кое ќе ни го овозможат најдобрите балкански и европски музичари.

Со промоција на својот нов албум насловен „Fragments„ ќе настапат Zulu 3.4 –најдобрата македонска fusion група составена од извонредни музичари. Зулу 3.4 е инструментален бенд од Скопје, основан во март 2018 година од тројца млади љубители на џезот, чија цел беше да создадат уникатен звук преку спојување различни стилови и да внесат свежина на македонската музичка сцена.

За македонската публика добро познатите Васко Атанасовски од Словенија и Васил Хаџиманов од Србија ќе настапат во дуо формација и ќе го видиме најдоброто од овие двајца врвни инструменталисти. Васко Атанасовски е водечки словенечки и европски саксофонист а Васил Хаџиманов е најдобриот светски џез-пијанист на електрично пијано.

Од Грција доаѓа Thanos Stavridis & drom, водечкиот грчки музичар, факултетски професор и еден од најдобрите европски инструменталисти на хармоника, лидер на групата “drom” составена од исклучителни грчки музичари. Тој ќе го промовира својот нов албум “Spicey Margarita”, прогласен за еден од најдобрите европски World music албуми во 2021 година.

Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и Град Скопје. Медиумски партнер е Слободен Печат.

Фестивалот е бесплатен за публиката а организаторите препорачуваат одговорно следење и почитување на препораките за заштита од Ковид 19.