Категории

Заев и Мицкоски од денес се во изолација откако биле во контакт со новинар позитивен на КОВИД-19

Лидерите на двете најголеми политички партии во нашата земја, Зоран Заев и Христијан Мицкоски од денеска се во задолжителна домашна изолација, по информацијата која ја доби Министерството за здравство дека еден новинар од телевизиски медиум е позитивен на Ковид-19 вирусот. Тој новинар во текот на минатата недела имаше ТВ интервјуа со лидерите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, и Мицкоски и Заев се тестирани на коронавирусот.

Резултатот на Христијан Мицкоски, кој беше изработен доцна синоќа е негативен, но тој ќе биде во задолжителна самоизолација до истекот на 14 дена од последниот контакт со заболениот. Во овој момент нема потреба од посебни епидемиолошки анкети за неговите контакти. Резултатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, со оглед на тоа што тој синоќа веќе беше заминат за Струмица, ќе биде готов во текот на денешниот ден, но и тој веднаш по добивање на информациите е ставен во домашна изолација.

Новинарот е во стабилна здравствена состојба и во моментов е на лекување во болницата „8 Септември“. Во текот на утрото и денот ќе се направат епидемиолошки анкети со неговите контаки за да се утврди точниот наод и бројка на лицата, кои евентуално би оделе во самоизолација. За сите овие информации, како и за резултатот од тестот на претседателот Зоран Заев, ќе известиме на следната прес конференција во текот на денот и тогаш ќе одговориме на сите прашања.

Прегледи:
460
Објавено на:
10.04.2020