Шкотската дива мачка е меѓу најретките цицари во Велика Британија. Овој вид изумира и наскоро би можел целосно да исчезне.
Неверојатно убави и немилосрдни кога се во прашање временските услови, шкотските висорамнини заземаат 32.000 квадратни километри. Иако делуваат непристапно, за дивиот свет претставуваат вистински рај. Меѓутоа, дури и во овие краеви се чувствува човечкото влијание кое овој вид го довело до работ на изумирање. Шкотската дива мачка е една од најретките животни во светот, а според проценките на стручните лица, би можела целосно да исчезне во наредните две години. Во Велика Британија има само уште околу 100 вакви мачки.
Нивниот број некогаш бил многу поголем, но нивниот лов е голема атракција заради крзното кое го поседуваат. Најголемата опасност за нивното исчезнување покрај зголемениот лов е и опасноста од заразни болести, а и мешањето со домашните мачки. Во Шкотска веќе е започната програма за нивно одгледување со цел да се спаси овој вид.