Категории

#365среќа Елена Грнчарова: „Бидете позитивни, живејте го животот по свои правила и борете се за тоа што го сакате“

Елена Грнчарова е единствената професионална модна блогерка во Македонија која соработува со светски глобални брендови, покрај нашите. Соработува и со најдобрата Retail компанија за мода Revolve и е една од четирите модни блогерки на Балканот кои успеале да соработуват со нив.

Покрај тоа што е голем вљубеник во модата, таа е посветена и на својата хуманитарна дејност во рамките на организацијата „ReThinkBreastCancer“ во борбата против рак на дојка. Покрај професионалните успеси, таа е мајка на две мали принцези, коои исто така соработуваат со детски брендови. За нејзината професија, идни планови и проекти, во ова издание на #365среќа разговраме со Елена.

1. Важиш за една од најпознатите македонски блогерки и инстаграм инфлуенсерки со преку 38.000 следбеници. Сите љубители на модата може да уживаат во твоите многубројни фотографии каде што се појавуваш со потпис на брендовите со кои соработуваш. Дали се заработува доволно од оваа професија?

Елена: Многу од луѓето сѐ уште не знаат што конкретно е тоа моден блогер. Во суштина ние им помагаме на луѓето преку нашите слики и брендови да добијат идеја како да комбинират и што е во тренд. Тоа е поентата. Го промовираме и тоа што не е многу актуелно и од сето тоа правиме тренд и нешто интересно. Секоја соработка ми носи добра заработувачка. Но, голема улога има тоа што претежно соработувам со странски брендови, додека во Македонија засега соработувам со најдобриот бренд „Nana Attire“. Што ќе постирам тоа се продава. Сум спомнала многупати дека работам пред сѐ на квалитет, не ставам работи кои не би ги носела лично јас или сметам дека не се добри без разлика колкава е била понудата, дали е скапо, евтино, ново, или сто пати носено.

2. Соработуваш со повеќе докажани брендови. Покрај тоа што си првата македонска блогерка, ти си и една од неколкуте балкански блогерки кои соработуваат со светскиот бренд „Revolve“. Како дојде до оваа соработка?

Елена: Секоја моја соработка ја склучува мојот менаџер. Што се однесува до соработката со Revolve, пред шест месеци мојот менаџер стапи во контакт со нивниот тим кој што после два дена ми пишаа меил и ме прифатија како еден од нивните бренд амбасадори. Многу сум горда што соработувам со една од најголемите Retail компании во светот. Буквално сум пресреќна што го живеам мојот сон, успеав во тоа што го замислував.

3. Среќата секој од нас ја толкува на различен начин. Што те прави тебе среќна? 

Елена: Насмевката и среќата на моите најблиски ме прави најсреќна. Среќна сум кога можам некому да помогнам, некој да насмеам, да дадам совет кој би помогнал, кога истите тие луѓе ми ја возвраќаат љубовта и го ценат тоа што сум го направила за нив. Среќна сум за секој ден поминат со семејството, сеќавањата на детството.. Среќна ме прави животот.

4. Покрај љубовта кон модата, исклучително си посветена и на организацијата “ReThinkBreastCancer” која е една од најдобрите организации кои ги поддржуват жените во борбата против рак на дојка. На кој начин си вклучена во оваа организација и како им помагате на жените кои се соочуваат со овој проблем?

Елена: Повеќе време сум поддржувач на жените кои се во борба со рак на дојка. Заедно помагаме, советуваме на начини на кој што им се потребни на тие прекрасни жени. Среќна сум што сум дел од многу кампањи и што можам да помогнам на било кој начин. 

5. Што може да очекуваат бројните следбеници од тебе во иднина и што би им порачала на сите млади девојки кои сакаат да бидат професионални блогерки и инфлуенсерки?

Елена: Животот е чудо! Се надевам дека ќе продолжам и во иднина да инспирирам и помагам. Секоја порака во која ми испраќаат благодарност и поддршка, луѓето што ме следат и на кои на некој начин им помогнал мојот совет, е мојот трофеј. Девојките што се занимаваат со блогерство и тие кои сакаат да го работат тоа, со сигурност знаат дека оваа работа бара многу трпение, време и труд. Посебно многу живци и време да се стане отпорен на сѐ, затоа што има многу лоши коментари и лоши луѓе. Бидете позитивни, живејте го животот по свои правила и борете се за тоа што го сакате!

Прегледи:
897
Објавено на:
08.05.2020