Категории

#365среќа Елена Ристеска: „Да се остане „човек“ во денешно време е најголем успех, а ситниците се она што ме прави најсреќна“

Ја паметиме уште од нејзините почетоци, привлекувајќи го вниманието на јавноста уште први првото појавување. Оттогаш поминаа шеснаесет години, а таа се’ уште важи за една од нашите најпопуларни и најквалитетни пејачки на нашата естрада. За почетокот на кариерата, созревањето, среќата и идните планови, на наше големо задоволство во ова издание на #365среќа зборуваме со Елена Ристеска.

1. Важиш за една од ретките јавни личности кај нас која уште во тинејџерските години го привлече вниманието на јавноста и веднаш се здоби со голема популарност. Што мислиш дека беше пресудно тоа да се случи?

За оние кои се од помладата генерација и не знаат, ја започнав кариерата во 2002 година, победувајќи на музичкото шоу наречено “М2 потрага по ѕвезда” со песната Она другото. За да започне една приказна е потребно да имате нешто повеќе од талент за музика, потребен е тој икс-фактор, кој јас најчесто го објаснувам како оригиналност или да си различен од другите, нешто што само ти го поседуваш и никој друг, можеби тоа е и харизма и талент заедно. Бидејќи добри пејачи во светот има безброј, но малкумина се успешни и станале вистински ѕвезди.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ELENA RISTESKA ARTIST (@elenaristeska_era) on


Откако ќе испливате на површината, од анонимец кога ќе станете јавна личност за што е доволен тој икс-фактор и талентот за музика, потребно е да имате квалитетна музика и целосно посветување на работата која ќе ве одржи долго на сцената. Но, да ве препознаваат по песните е најголемиот успех. Пред десетина години, па дури и ден денес, некои луѓе ме нарекуваат “Нинанајна” наместо Елена. :)

Воедно и откажување од многу нешта кои се нормални за другите луѓе, на пример додека сите излегуваа и се забавуваа во дискотеки пред 12/13години јас пеев во дискотеки до 4 часот наутро, имав снимања, фотосесии и концерти. Не беше лесно да се снима до 4 часот наутро видео спот, а веќе во 7 часот да морате да бидете во училиште. Еве една порака до младите и нови пејачи, не е важен само вашиот убав глас за успех, важен е изборот на песни и авторскиот тим со кој работите, но најважно од се’ е концептот според кој се водите кога градите една кариера. И секако важен е примерот кој го оставате на оние кои се поистоветуваат со вас, затоа што вашето однесување или „персоналити“ е на некој начин репер за младата генерација која ве обожава. А го трасира и патот по кој ќе ја градите вашата кариера.

2. Кога ќе ги споредиме твоите сегашни фотографии со оние од твоите први настапи очигледно е дека изгледаш се поубаво. Која е твојата тајна и колку време посветуваш на изгледот?

Повеќе нешта се клучни за развојот на една јавна личност во своја подобра верзија. Покрај годините искуство во позирање пред камерите, покрај работата на својот личен стил и идентитет, голема улога игра и изборот на тимот кој ќе работи за вас. Мојата совршена екипа со тек на годините ја оправда довербата која ја имав уште на почетокот во нив. Даниел Николовски кога започна да работи со мене беше навистина многу млад, да не речам дете, но со тек на годините стана еден од најдобрите стилисти, фризери и шминкери, со кои сум работела. Тој ме познава дури и повеќе од себеси, работи со огромна љубов кога е во прашање неговата работа, ги следи сите светски трендови во шминкање и фризури, а дека мојата доверба во него е огромна кажува фактот дека понекогаш не се ни погледнувам во огледало кога ќе ме подготви.


Истото го чувствувам и за Стефан Николовски мојот официјален фотограф, во изборот на фотки откако ќе отсликаме една фотосесија не му се мешам, односно целосно му верувам. Ги обожавам луѓето со коишто работам бидејќи се со иста професионалност како и мене, перфекционисти се, одговорни, иновативни, квалитетно работат се’ што ќе се нафатат да го сработат. Всушност и не е само навика да работите со свој тим секогаш, туку и најсигурна варијанта е да работите со своите луѓе бидејќи само така можете да гарантирате за квалитетот на продуктот кој го создавате, а тука мислам и на музиката, не само на фотографијата.

3. Прилично си активна на социјалните мрежи, па така сите љубители на твојата музика можат да ги следат твоите ангажмани и патувања. Ова лето посети повеќе дестинации. Што би издвоила?

Една од моите пасии се патувањата, но последниве неколку години имам и совршено друштво за да можам да ги реализирам посакуваните дестинации. Без добро друштво нема да ви биде интересно и на најубавото место во светот. Мислам дека после 16 години максимална посветеност на образованието (завршени два факултети) и на работата, можам да бирам што ќе работам и да ја редуцирам работата, а да го применам уживањето во животот повеќе.

 

View this post on Instagram

 

Crazy people on Mykonos #mymykonos #mykonos @lohanmykonosofficial @mersihaakazim @onurkazim @natasafigurella

A post shared by ELENA RISTESKA ARTIST (@elenaristeska_era) on


Секоја дестинација си има своја убавина, некои места ни стануваат веќе традиционални, втора година по ред го посетуваме Миконос, и само оние кои биле таму знаат за што зборувам кога го издвојувам Миконос како еден од островите создаден за хедонистите како мене и една од најубавите дестинации за уживање и забава.

 

View this post on Instagram

 

My dearest @angela_dameska 💜💜💜 🏙 #timessquare #newyork #lovethisplace

A post shared by ELENA RISTESKA ARTIST (@elenaristeska_era) on


Америка ми беше исто така една од посакуваните дестинации од детството која ја посетив неодамна и морам да признаам дека е едно од местата каде би можела да живеам. Иако годинава на листата на посетени места ми беа Дубаи, Русија, Малта и други, сепак Мајами, Флорида ми е во срцето.

 

View this post on Instagram

 

#pink #pinkthoughts #pinklife #dubai #burjalarab

A post shared by ELENA RISTESKA ARTIST (@elenaristeska_era) on


4. Оставаш впечаток за многу позитивна личност која зрачи со големо количество на енергија иако сигурно како и секој друг човек понекогаш поминуваш и низ тешки периоди. Што е она што те исполнува и те прави среќна?

Не знам кој човек е целосно среќен и исполнет секогаш. Животот е една комплексна целина или мозаик од проблеми кој ни минува во решавање на истите. Оние ретки моменти на максимална радост, ни го бојат во розево, секојдневното сивило создадено од навики. Но, секој сам одлучува дали ќе биде секогаш позитивен без разлика на проблемите или ќе се предаде на вртлогот од проблеми.

Јас и покрај сите семејни и приватни трагедии, одлучив да бидам позитивна и со насмевка се спротиставувам на сето зло кога ќе дојде во мојот живот. Не постои сила што ќе ме смени кон полоша личност само затоа што некои луѓе се лоши спрема мене. Секој е одговорен за своето однесување. На крајот на краиштата најважен е односот кон Бога, да не грешите вие, вам нека ви грешат, тие одговараат за сопствените постапки. Да се остане „човек“ во денешно време е најголем успех, а ситниците ме прават најсреќна, тоа не е променето кај мене уште откога бев дете.

 

View this post on Instagram

 

#friendsforlife #loveher #miami #yaht #lovemiami

A post shared by ELENA RISTESKA ARTIST (@elenaristeska_era) on


5. Што може да очекува македонската публика од тебе во блиска иднина и дали имаш планови за некои проекти надвор од нашата земја?

Понуди секојдневно стигнуваат од сите страни, за соработки, за дуети, за проекти. Тешко е да препознаете која понуда е вистинската и која понуда нема да ви го изгуби драгоценото време. Во Македонија веќе се’ се сведува на импровизација и обиди, нешто што ме иритира. Имам одлични понуди за надвор од Македонија кои во периодов додека бев надвор од земјата се обидував да ги реализирам, но во мојата професија се’ е неизвесно, се’ е неверојатно споро, посебно кога за се’ одлучувам сама, навистина не оди секогаш се’ по план. Се очекува објава на неколку спотови во следниот период воглавно за постари песни, но и нова песна и спот која е веќе одамна најавена, која се вика “За крај” и ми е подарок од Сергеј Четковиќ а аранжманот е на Дарко Димитров.


Со Дуке Бојаџиев работиме на една песна во моментов, додека бев во Њујорк ја снимивме и на македонски и на англиски, но за тоа потоа, додека не ја имаме финалната верзија не можам да споделам детали околу соработката.