Категории

#365Среќа Моника Ризовска: „Помагајќи на другите си помагаме и на себе“

Моника Ризовска е млада и успешна девојка која покажува дека трудот, организацијата и креативноста секогаш водат кон успех. Како докажана хуманитарка, успешна претприемачка и талентирана уметница, чест и задоволство ни претставува што овој разговор го водевме токму со неа. За досегашните хуманитарни акции и задоволството и среќата кои ги носат со себе, како и запросувањето на последната нејзина изложба, Моника ни раскажува во ова издание на #365среќа.

1. Ко-основач си на платформата „Ways2help“  која претставува успешна приказна од хуманитарен карактер преку која помагате на социјално загрозените граѓани. Како дојдовте до идејата да создадете ваков вид на платформа?

Приказната за Ways2help започнa за време на StartUp Weekend така што по согледување на потребата и околностите сфативме дека има начини како дигитално може да се делува здружено и да се придонесе за подобрување на ситуацијата во која се наоѓаат овие семејства и деца. Решивме да вложиме слободно време и да го искористиме овој натпревар чекор по чекор и во учење и изработка на платформа за спојување и приказ на сите начини за помош. 

Како резултат на посветеноста на тимот во неполни 48 часа, Ways2Help всушност беше изгласан и за победничко решение на онлајн натпреварот “StartUp Weekend Covid-19 edition”, посветен за дигитални решенија на проблеми предизвикани од пандемијата. Како предходни долгогодишни волонтери во различни организации за подобрување на општеството, бевме свесни за предизвиците на организациите внатрешно како и на донаторите и компаниите. Одлучивме да го промениме донаторското искуство и да го направиме попривлечно, но и поедноставно. И што е најбитно, да не замре се по победата.

Првичниот тим на Ways2help со кој победивме на натпреварот StartUp Weekend Covid edition 

Иако тимот за време на натпреварот не се имаше запознаено и видено во живо, мотивот и целосната вложеност предизвика атмосфера во која сите се чувствувавме како веќе подолг период да работиме заедно. Клучот за успех гледајќи наназад е можеби и тоа дека како да заборавивме дека станува збор за натправар, фокусот го ставивме на решението на предизвикот и промената што можевме да ја направиме. И покрај тоа што настанот се случуваше во виртуелна средина ја чувствувавме поддршката и заинтересираноста за нашата идеја и тоа ни овозможи да бидеме упорни во реализацијата тогаш а и до ден денеска сè уште.

Ways2Help денес претставува платформа која ги поврзува организациите, компаниите и индивидуалните донатори со цел да се помогне на социјално загрозени семејства, деца без родители и деца на самохрани мајки. Покрај можностите за онлајн донирање, платформата нуди и опции за редовно плаќање на режиски сметки за струја и вода, донации на училишен прибор, храна и санитарни производи.

На почетокот, зад ова решение првично стоеше тим од петмина луѓе, додека денес сме веќе единаесетмина: Марта Толевска, Дина Дамјановиќ, Адриан Џумкар, Моника Ризовска, Георге Богдановски, Александра Манолчева, Бојан Ангелески, Андриана Илиевска, Џево Ибраими, Селвир Османовиќ и Ана Секуловска. Денес имаме и тим од многу волонтери низ цела Македонија кои своеволно ни се приклучија и со сето срце сакаат да помогнат и да се вклучат во акциите.

Тимот денес кога успеавме повеќето во живо да се собереме.(фалат Џорџ и Селвир)

Со секоја акција се зголеми потребата од ажурирање, проверка и развој и доусовршување на секоја функционалност. Секој член од тимот си има своја функција и свој тим, а меѓусебно се заменуваме по потреба. Имаме голема поддршка и од нашите организации соработници кои неминовно ги гледаме и како дел од тимот – меѓу кои сте и вие и многу сме ви благодарни за тоа!

Досега благодарение на довербата и срдечноста на сите донатори броиме 1245 платени сметки од 1203 донатори во износ од ​​2 334 491 денари.

Семејствата кои се дел од акцијата Ways2help #ПлатиСметка се избрани според нивните месечни примања, работоспособност на членовите во семејството како и нивната здравствена состојба при што се гледа нивната финансиска можност да ги покријат своите трошоци на месечно ниво како и дали припаѓаат во категоријата на социјално загрозени семејства.

За нас беше навистина битно секоја донација да оди во правите раце и сето тоа да е транспарентно. Со цел да се осигураме дека оваа акција ќе биде од помош на оние на кои им е навистина најпотребна, започнавме соработка со организација која секојдневно нè известува и гарантира за веродостојноста на сите семејства на кои досега активно помогнавме со „Плати сметка“ но и со донација на храна, лаптопи, облека и училишен прибор. Благодарни сме и задоволни сме од досегашната соработка со нашите соработници – “Вистински Дела на љубезност”, без кои оваа акција немаше да биде волку успешна.

Оваа година за време на акцијата за донирање училишен прибор обезбедивме 272 школски ранчиња и 287 училишни прибори.Оваа акција е една од акциите која долгорочно помага и ги мотивира децата кон правилен развој и стекнување на образование и навистина ни е при срце.

Образованието несомнено игра голема улога во тоа како се градиме и како личност, а за децата тоа допрва започнува. Среќни сме што голем дел компании досега ја препознаваат оваа акција и значително потпомогнаа и се вклучија во активно донирање и оваа година. Благодарение на поддршката од компаниите како и на споделувањата за оваа акција, собравме над 272 комплети училишни ранчиња и прибор. 

2. Како може да се приклучи кон акцијата „Ways2help“ секој кој сака да помогне давајќи свој придонес?

Има повеќе начини, првенствено може да не следат на фб  или на веб страната на Ways2help или да се вклучите во заедницата каде редовно објавуваме повици за собирање на училишен прибор, конзервирана храна, облека како и новогодишни пакетчиња и облека за дечињата од сиромашни семејства. Секако, било кој период од годината, сите што сакаат да донираат можат да отидат на страната Плати Сметка, до секоја сметка е наведено семејство со состојбата во која се наоѓа – кратко објаснување за нивната моментална ситуација и причината за потреба на помош. На овој начин, секој што сака да помогне може да се запознае индиректно со семејството на кое директно значајно допринесува. Штом одлучите на кое/кои семејства сакате да помогнете, го зимате кодот од сметката и исплаќате всушност дирекно на страната за исплата на струја или вода.

3. Да се биде хуман и да се помага во време на пандемија особено претставува предизвик. Колку си задоволна од сѐ она што успеавте да постигнете досега и кои се вашите планови во иднина?

Позитивно сме изненадени што и покрај оваа кризна состојба постојат луѓе кои несебично придонесуваат, донираат, се хумани, добри, и несебично спремни да помогнат без разлика дали со помош преку волонтирање, споделување на акциите, донација на облека, храна, или исплата на сметка

Секоја нова акција се повеќе прераснува и многу сме среќни кога гледаме како една скромна идеја и желба да се помогне станува навистина вирална и успеваме на крај да помогнеме повеќе од очекуваното.

 #ПлатиСметка е акција која на сите ни е при срце бидејќи самото решение беше иницирано и инспирирано од лична приказна на девојка од тимот која се соочи со финансиска криза поради пандемијата. Денес благодарение на оваа акција и срдечноста на сите донатори усреќивме и дадовме надеж на над 200 семејства. Броиме над 2 милиони денари донации или над 37 653 евра вкупно донации во платени сметки за струја и вода. Исплатата на овие сметки е повеќе од само доказ на хуманоста на нашиот народ туку и причина за поинакво утре за случаи во кои по исплатата на заостанатите сметките за струја на некои семејства повторно им беше приклучена електричната енергија.

Покрај тоа што можат да платат нечија сметка, граѓаните можат и да донираат храна, училишен прибор, книги, мебел, облека, новогодишни пакетчиња но и да волонтираат со вештина, да пренесат знаење на дечиња од сиромашни семејства да се стекнат со основни познавања од ракување и оддржување на лаптоп и компјутер.

Од почетокот па сè до денес Ways2Help има реализирано акции како што се: Донирај Конзервирана Храна на која беа донирани  93,2 кг конзервирана храна, 75.8 кг различни производи на храна, 3,7 кг хигиенски средства, 27кг облека. Овие акции често ги правиме и сме благодарни што сме редовно потпомогнати и од наши компании соработници кои често донираат оброци за сиромашни семејства и деца.

Огромна логистичка помош добиваме од кафе бар Среќа и нивните вработени кои редовно ни помагаат за секоја донација со нивниот простор. Ниедна од овие акции за облека, санитарни производи и храна немаше да биде возможна да не беше безрезервната помоша и логистичката поддршка на Среќа.мк и Среќа Бар.

4. Велат среќата е единственото нешто што се множи кога се дели. Дали се сложуваш?

Како голем хуманист, прво и индивидуално сметам дека не треба да престанеме да истражуваме и да си ја храниме љубопитноста, да инвестираме во нови знаења, да прифаќаме предизвици, а потоа кога ќе сме во можност да помогнеме без разлика дали со споделување на знаење или со донација и исплата на сметка или волонтирање со вештина. Нема поубаво чувство од тоа кога ќе ја видете среќата на оној кој кога најмалку очекува добива помош, а со тоа и надеж за подобро утро. Секој од нас има моќ да направи некого среќен, прашање е само желбата и начинот како.

5. Амбасадор си на Women in Tech Македонија. На што се фокусира ова движење и која е примарната цел?

Women in Tech Macedonia е светска организација со мисија со фокус во поддршка и вмрежување на сите девојки и жени со цел запознавање и приближување кон раст во ИТ и секако љубов кон технологијата. Како Амбасадор на Women in Tech Macedonia мојата улога заедно со тимот е да придонесуваме кон заедницата со можности но и да иницираме настани и да вмрежуваме и поддржувам теми кои би придонеле во значајно подобрување на изборот на соодветна кариера како и раст во кариерата во која се наоѓаат.

Отворање на настанот на Women in Tech Macedonia на “Бродот на среќата”

Со „Women in Tech” досега успеавме да споиме над 10.000 девојки и жени и отворивме јавно разговори преку онлајн вебинари и средби за вмрежување. Women in Tech денес соработува со едукативни центри, ИТ-компании и даваме можност секој да сподели свое искуство, да се надгради професионално преку обуки, работилници, коворкинг-средби, можности за говорење и посета на интернационални конференции. Благодарение на овие иницијативи, бевме сведоци на многубројни успешни приказни од девојки кои променија кариера и професија и успеаја да се вработат и денес да водат и свои компании.

Сите советници, ментори но и членови кои веќе работат во ИТ-индустријата придонесуваат со споделување на лични искуства особено кон младите девојки кои сè уште размислуваат која насока да ја одберат. Токму тоа се обидуваме да го направиме преку разните иницијативи и волонтерски активности. Нашиот фокус и ден денес како и на почетокот е градење инклузивна заедницa преку соработка, споделување на знаење и можности со цел – професионална надградба и доусовршување на сите заинтересирани во технологија.

6. Неодамна, на твојата изложба каде што присутните уживаа во твоите слики, доживеа изненадување кое сигурно ќе го паметиш засекогаш – беше запросена од своето момче Што претставува љубовта за тебе?

Љубовта за мене е комбинација од разбирање, почит и доверба. Како човек што сака да сака, дарува и споделува за мене љубовта претставува крвоток кој не движи во животот и како таков пред се треба да дојде одвнатре и да не води.

Мојот сопатник, го запознав за време на акциите на Ways2help, беше чест донатор и се познаваше со другарка од тимот. Денес често интерно знаеме да се пошегуваме дека “помагајќи на другите си помогнавме и на себе” (иако ни најмалку не очекував дека својот партнер ќе го запознам преку Ways2help). Ние сме начелно многу различни, но она што не спојува е што сме љубопитни, сакаме да истражуваме, патуваме, сакаме адреналин и не сме фанови на рутина. Димитар секојпат знае да изненади. Овојпат изненади кога најмалку очекував, со запросување за време на мојата изложба со подарок платно зад кое се криеше и самото запросување. Ми значи и што беа сведоци нашите семејства како и сите наши најблиски пријатели. Среќнот момент се мултиплицираше бидејќи го споделивме со најблиските.