Категории

#365среќа Олга М. Петкова: „Париз има посебен шарм, кој тешко се опишува со зборови. Многу читатели ми рекоа дека со „Ателјето на Монмартр“ многу живо и интензивно го доживеале градот“

Олга М. Петкова е македонско-словенечка авторка, која од 2016 живее со своето семејство во Љубљана. Иако економист по образование, таа живее за уметноста во сите нејзини форми. Таа е вљубеник во литературата, сликарството, музиката и пишувањето. Резултат на тоа е и нејзиното прво литературно дело, „Ателјето на Монмартр“ во соработка со Издавачката куќа Култура. За да успее автентично да ја долови приказната во својот роман, Олга престојувала во Париз специјално за да истражува за книгата. За нејзините идни планови, инспирацијата и љубовта кон пишувањето разговараме со Олга М. Петкова во ова издание на #365среќа.

1. Како се роди твојата љубов кон пишувањето и што беше пресудно да се одлучиш да напишеш роман?

Љубовта кон пишувањето и литературата воопшто постоеле отсекогаш, од како помнам за себе. Кога штотуку научив да читам, добив на подарок од својот татко една адаптирана верзија за деца од романот „Клетници“ на Виктор Иго, која го содржеше само делот за животот на малата Козета и оттогаш не престанав да читам. Во однос на пишувањето, чувствував дека ми треба повеќе зрелост, која ќе ми ја успокои мислата за да се осмелам да си играм со една сериозна форма како што е романот. Во моментот кога ја добив идејата за „Ателјето на Монмартр“ знаев дека ја поседувам потребната зрелост.

2. Дали сметаш дека Македонците се луѓе кои сакаат да читаат?

За жал не толку, колку што би требало, особено младите, зошто тие имаат повеќе слободно време. Генерално во светот луѓето се преокупирани со обврските на секојдневието и многу малку време им останува за читање и воопшто за уметност. Сето тоа го разбирам, но чинам дека секој оној кој сака да поработи на својата интелигенција, на градењето на својата култура, на себе-развивањето мора да најде време за уметноста (тука се разбира ја вклучувам и литературата). Тоа е она што го оплеменува човекот, го прави побогат и го издвојува од масата.

Во Виена (каде што живеев и студирав), па и насекаде низ Европа, луѓето, особено младите, многу читаат, читаат во метро-станиците, по парковите, во кафулињата, насекаде. Не гледам зошто и ние не би можеле така.

3. Во твојот роман „Ателјето на Монмартр“ користиш веродостојни податоци за уметноста кои се спомнуваат во книгата. Колку време ти беше потребно да истражуваш за да успееш реално да ги претставиш сите детали?

Пред да почнам со пишување на романот, престојував еден месец во Париз, каде собирав веродостојни податоци за уметноста по париските музеи. Разговарав и се дружев со луѓе кои ја познаваат париската уметност и кои живеат во Париз. Тоа многу ми помогна да го спознаам духот на градот и на самите Парижани. Сите детали во книгата кои говорат за уметноста и сите описи на градот се вистинити.

Париз има посебен шарм, кој тешко се опишува со зборови. Но, она што особено ме радува е дека многу читатели ми рекоа дека со „Ателјето на Монмартр“ многу живо и интензивно го доживеале градот.

4. Среќата секој од нас ја толкува на различен начин. Што претставува среќата за тебе?

Среќата е кратка, но многу интензивна емоција. Никој од нас не може да е постојано среќен. Чувството кое останува по среќата е задоволството.

Среќата за мене е страста кон животот. Страста кон љубовта, кон работата, кон уметноста. Страста кон создавањето. Страста кон себе и кон другите. Работите кои ги работиме со страст не инспирираат, не поживуваат, не подмладуваат, ни даваат полетна енергија. Затоа сметам дека на нашата животна терезија, треба да превагнат оние работи, кон кои чувствуваме страст.

5. Што те инспирираше да го напишеш овој роман и што може да очекуваме од тебе во иднина?

Главна инспирација да се создаде „Ателјето на Монмартр“ беше Париз, француската уметност и љубовта. Покрај тоа, во романот имав да цел да разработам и актуелни проблеми, кои ја мачат современата жена. Разговарав за работи, за кои другите не се ослемуваат да говорат гласно. Романот ја слави жената и нејзината цврстина, па дури и тогаш кога таа изгледа најслаба. Мислам дека во ликот на главната хероина, Наталија, ќе се препознаат многу жени, а во ликот на Пиер, Андре и Маркуз, многу современи мажи.

Веќе работам на нешто ново, нешто сосема различно од „Ателјето на Монмартр“, како по тематиката, така и по начинот на пишување. Формата на пишување останува прозна (роман), но мислам дека е се уште многу рано да откриваме било што. Моја голема желба, на чие остварување работам, е моите дела да се преведат и на англиски јазик, како во нив би уживала и поширока читателска публика.