Категории

#365среќа Среќа е… да се биде мајка. Милена Антовска Станковска во прегратка на својата ќерка

Оваа среќна среда, а воедно и пролетта ја започнуваме со познато ТВ лице, Милена Антовска Станковска. Млада, успешна, харизматична дама, која од неодамна се оствари како мајка со доаѓањето на свет на нејзината ќерка Лана Марија.

 

И покрај тоа што веќе седум месеци не е пред малите екрани, гледачите не престануваат да ја спомнуваат и да посочуваат колку им фали интеракцијата со неа. Тоа е уште еден доказ дека спонтаноста, ненаметливоста и способноста за пренесувањето позитивната енергија се карактеристики кои не можат да останат незабележани и создаваат лојалност кај публиката.

1. На секоја жена кога ќе се оствари како мајка и се случува престврт во животот и навиките, но колку го промени начинот на размислување и перцепцијата на нештата што те опкружуваат?

Уште пред да планирам да се остварам како мајка, сама на себе си ветив дека ќе се обидам да не се променам комплетно во однос на моите навики и ставови, да продолжам да комуницирам и да бидам опкружена со мојот сопруг, семејството и драги луѓе. Можам нескромно да кажам дека успевам во тоа, но сепак мајчинството со себе носи многу обврски и голема промена на приоритетите во животот. Во однос на перцепцијата, исто така чувствувам промена бидејќи некои мои грижи и проблеми од минатото, немаат големо значење откако го имам највредното нешто на светот – моето дете.

2. Познатите личности, како кај нас така и низ светот, откако ќе станат родители се чини дека првото нешто што го прават е споделувањето на фотографија од своето дете на некоја од социјалните мрежи. За разлика од нив, ти успеа да ја зачуваш приватноста во тој поглед и да не го следиш овој тренд. Кој е твојот став на оваа тема?

Сметам дека секој треба да постапува онака како што се чувствува. Не осудувам никого, меѓутоа јас не сум дел од оние мајки кои постојано објавуваат слики од своето дете во различни ситуации. Всушност, ова е првата објавена фотографија од Лана иако таа сега има речиси седум месеци.

3. Повеќето жени се борат со вишокот килограми во и по бременоста, но очигледно тоа не е случај со тебе. Како успеваш да ја задржиш линијата?

Благодарам на комплиментот, иако да бидам искрена ми беа потребни неколку месеци за да ги изгубам вишокот килограми, но сепак тука најголема улога игра генетиката и брзиот метаболизам. Освен тоа, одам на третмани кои навистина имаат резултат, а во иднина планирам и да ја зголемам физичката активност. Сметам дека секоја жена треба да биде негувана и не смее да си дозволи да го запостави својот физички изглед и уште поважно психичкиот развој.

4. Кои се зборовите кои те мотивираат и ти влеваат оптимизам во моменти на двоумење и страв од неуспех?

Доколку сакаш да го промениш својот живот, започни веднаш и направи го тоа без исклучоци. Стравот е одлика на луѓето кои се плашат од промени, а промените се суштината на животот. Затоа бори се кога треба, ризикувај кога е неопходно и претвори ги промените во успех.