Категории

Музички спектакли со THIEVERY CORPORATION и MARTIN GARRIX за одличен почеток на летото

Жежок почеток на летната сезона со спектакуларни настапи на  американскиот електро-трипхоп состав THIEVERY CORPORATION и диџејот број 1 во моментов MARTIN GARRIX ни најави Авалон на денешната пресконференција по повод  SKOPJE CALLING 2017.

 

THIEVERY CORPORATION ќе го отвори летниот музички фестивал SKOPJE CALLING 2017, со својот настап на 20-ти јуни, кој иако лани го имаше своето прво издание, сепак, стана препознатлив македонски бренд. Концертот ќе се одржи под отворенo небо, на стадионот на АРМ.

– Како и за секој наш избор за концерт во Македонија, секогаш настојуваме да ги задоволиме апетитите на публиката од сите генерации и со различна жанровска определба. Така и овој пат се одлучивме за бенд што е маестрален во живо и можеби единствениот во светот што со својот уникатен музички стил спојува повеќе музички жанрови со елементи на електронска музика – велат од Авалон Продукција.

Феноменалниот американски бенд кој го предводат Eric Hilton и Rob Garza доаѓаат во полн концертен состав, кој брои околу 20 музичари.

Сепак, она што ги прави THIEVERY CORPORATION можеби и најголемата лајв атракција, се бројните вокали кои ги пејат некои од најголемите химни на овој единствен бенд, како: „Until The Morning“. „Lebanesse Blonde“, „Amerimacka“, „The Heart`s a Lonely Hunter“…, меѓу нив секако се издвојуваат аргентинката Natalia Clavier, која претставува вистинско откритие на бендот, Jeffrey Haynes, Christopher Smith, Racquel Jones.

Една од најзначајните карактеристики на овој бенд, секако, е и сценската продукција која секогаш подразбира изразено визуелно искуство за кое се грижи посебен дел од овој вонсериски уметнички колектив. Покрај атрактивните концерти, THIEVERY CORPORATION исто така, кај светската јавност се познати и по силниот социјален ангажман и антиглобалистичкиот активизам.

THIEVERY CORPORATION во Скопје доаѓа во комплетен состав, а на сцената ќе бидат околу 20 музичари. Настапот на SKOPJE CALLING, е во рамките на нивната европска турнеја на која го промовираат својот последен албум „The Temple od I & I“.

Најжешката глобална ѕвезда во моментов, MARTIN GARRIX, за првпат како број 1 светски диџеј доаѓа во регионот и тоа како хедлајнер на фестивалот SKOPJE CALLING 2017.

После феноменалниот почеток на SKOPJE CALLING, лани, со настапите на хитмејкерите David Guetta, Robin Schulz, Kungs и Era Istrefi, годинава Скопје ќе биде домаќин на човекот којшто не е само најголема диџеј ѕвезда во светот во моментов, туку е и ултимативен глобален суперстар на целата планета.

Настапот на MARTIN GARRIX ќе се одржи во рамките на фестивалот Скопје колинг на 23 јуни, на стадионот на АРМ.

Иако има само 21 година, MARTIN GARRIX во моментов не само што е  број 1 диџеј и официјално, туку тој и со години наназад е неизоставен дел на сите големи фестивалски сцени во светот, како: „Coachella“, „Ultra Music Festival“, „Tomorrowland“ и други, каде настапува единствено како хедлајнер. Светската слава ја стекнува на 17-годишна возраст, со мега-платинестиот хит „Animals“, а во моментов е актуелен со хитовите „In The Name Of Love“ со Бебе Реџа и „Scared To Be Lonely“ во соработка со популарната Dua Lipa, кои буквално ги покорија сите европски и светски топ листи.

Пред диџеј сетот на GARRIX, на фестивалот SKOPJE CALLING 2017 ќе настапат и хитмејкерите JAX JONES и ALEX ADAIR, а локална поддршка ќе бидат Александар Галоски– еден од нашите најталентирани диџеи продуценти, како и младите и перспективни момци DUOZ.

На спектакуларниот настан SKOPJE CALLING 2017 се очекува да присуствуваат повеќе од 15 илјади посетители од целиот регион, бидејќи засега, ова е навистина ексклузивен настап на MARTIN GARRIX во регионот, а интересот за неговото гостување во Македонија е навистина огромен.


Авалон Продукција им се заблагодарува на сите компании кои го поддржаа фестивалот SKOPJE CALLING 2017:

Македонски Телеком, Прилепска пиварница, Еуролинк осигурување, Космо, вода Маја, Хјундаи, Витаминка, Еуростандард Банка, винарница Тиквеш, Гемак, хотел Парк, Тинекс и Ред Бул.

Фестивалот е поддржан и од Министерство за култура на Република Македонија.

Прегледи:
506
Објавено на:
14.06.2017