Талентираната Мина Блажев ќе ја претставува Македонија на годинешното јубилејно, 15-то по ред издание на детската Евровизија што ќе се одржи на 26-ти ноември во грузиската престолнина Тбилиси.
По премиерата на МРТ Ви ја претставуваме песната „Dancing Through Life“, на која и овој пат комплетен автор е композиторот и продуцент Александар Масевски, а стиховите се отпеани на македонски и на англиски. Очигледно „крвта не е вода“, зашто Мина Блажев е внука на Владимир Блажев, алиас Панчо од ДНК, а на јавноста и стана позната по своите забележителни настапи на регионалното музичко талент шоу „Ѕвездичките на Пинк“ каде ги собра аплаузите и ги доби сите пофалби од жирито.
Инаку, ова ќе биде 13-то учество за Македонија на оваа јуниорска верзија на „Евровизија“, а Мина ќе се натпреварува со претставниците на уште 15 земји, меѓу кои од регионот, покрај Македонија, ќе учествуваат и Албанија и Србија.
Иако Грузија по рекорден трет пат победи на фестивалот, годинава првпат ќе ја има улогата на домаќин, а манифестацијата ќе се одржи во Олимписката палата во главниот град Тбилиси. И посакуваме многу среќа на Мина и ви предлагаме да ја слушнете песната и да го погледнете видеото за неа:
Извор : Вистина.мк