Категории

Балетска претстава „Оревокршачка“ со две изведби во МОБ!

Македонска опера и балет ја најавува балетската претстава „Оревокршачка“ со две изведби во среда, 30.01 и сабота, 02.02.2019 со почеток во 20 часот.

Се работи за детска бајка чиј автор Т.А.Хофман, дејствието го поврзал со празнувањето на големите празници. Врз основа на бајката, Мариус Петипа го пишува либретото, а музиката ја компонирала Петар Илич Чајковски.

„Ова е едно од најпопуларните и најизведувани дела, на сите светски сцени. Се надеваме на радост на нашата најмлада публика, иако претставата е приемчива и за останатите возрасти“, велат од МОБ.

Овој балет е ултимативна Новогодишно-Божиќна бајка – мириса на снег, карамела и на цимет. Обоен е со црвено, златно и со бело. Веројатно затоа на публиката никогаш не и е доста од „Оревокршачка“ пред и после Нова година, секоја година!

Во улогата на Клара настапуваат: Марија Кичевска Шокаровска (30.1) и Мими Поп Алексова Атанасовска (02.2), Принц е Бобан Ковачевски, Мала Клара е Бојана Арсовска, истакнати солисти, солисти, целиот балетски ансамбл и ученици од ДМБУЦ – балетски оддел, придружени од оркестарот на Македонска опера и балет. Диригент е Бисера Чадловска.

Прегледи:
599
Објавено на:
25.01.2019