Селото Трново се наоѓа на 15 километри североисточно од Крива Паланка на околу 1000 метри надморска височина, Граничи со месноста Мала Црцорија на север, Коприва на североисток (Р. Бугарија), с. Жидилово на југоисток и југ, с. Киселица на југозапад и запад , а за името на селото се претпоставува дека доаѓа од основата „три“.
Селото претставува попатна станица, бидејки низ него минувал стар/антички патен правец кон исток, (Бугарија), постојат индиции дека во атарот на селото постојат остатоци од римска населба кои се сеуште неистражени. Црквата „Свети Никола“ која се наоѓа во ова село е манастирска црква од типот на еднокорабни градби, со полукружна апсида и покрив на две води. Во науката се присутни дилеми во однос на годината на градењето. Имено постарите проучувачи се определуваат за 1505 година, додека со поновите истражувања е поставена тезата за 1605 како година на градење на црквата.
На западната страна е дограден затворен трем со два влеза, а на јужната страна се наоѓа отворен трем. Внатрешноста на црквата е обликувана со централен распоред, кој во горниот дел завршува со полуобличест свод. Тематската програма на ѕидното сликарство не отстапува од вообичаените канони на пост-византиското сликарство. Од живописот во црквата како повпечатливи можат да се издвојат, фреската со Раѓањето христово, фреската на Св. Никола со евангелие во рака, фреската со претстава на локалниот анахорет Свети Јоаким Сарандопорски (Осоговски) чиј култ бил силен во овие краишта.
Ниската олтарна преграда е од типот на двокатен иконостас што го дели олтарниот простор од иконостасот. Од првобитните икони евидентирани се само две, додека царските двери се прилично оштетени, а од распетието се сочувани два крака од крстот и долниот дел од основата. Во непосредна близина на црквата се наоѓа парохискиот дом, кој што нуди услови за сместување на гости, исто така постојат уште два објекти, старото училиште и задружниот дом кој што имаат потенцијал да се искориста во функција на туризмот.
Многу близу до црквата се наоѓа и неодамна отворениот етно ресторан “Трновски ветар”, кој нуди прекрасна храна направена од вештите раце на кривопаланечкиот мајстор, во прекрасен шумски амбиент и прекрасна летна клима. Ресторанот нуди и топло и прристојно сместување па еве можност да излезете од урбаното и пеколно лето и да уживате убавините кои ги нуди овој компкекс.
Оваа публикација е финансирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Косово* во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Косово и Северна Македонија